До кога оваа држава ќе создава и ќе штити насилници? – реагираат Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство

Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство алармираат дека системот продолжува да ги штити насилниците, наместо да им гарантира безбедност на жените. Во заедничката реакција, организациите прашуваат уште колку жени треба да бидат убиени за да се демонтира системот што, како што велат, е поволен за насилниците, а погубен за жените.
Тие посочуваат дека по фемицидот на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, во период од една недела се случиле и два обида за фемицид во Охрид и Битола. Во едниот случај осомничениот е на слобода со мерки на претпазливост, додека во другиот избегал низ прозорец од полициска станица.
„Ова се случува во година во која веќе има седум фемициди, а во Европа, Македонија е трета според стапката на убиства на жени од интимни партнери. Секоја следна потценета закана, несоодветна проценка на ризикот и пропуштена мерка за заштита се случува со тоа сознание“, наведуваат организациите.
Во однос на случајот во Охрид, тие потсетуваат дека, според соопштението на МВР, нападот врз 26-годишната жена продолжил и по запирањето на автомобилот, при што таа изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди. Поднесена е кривична пријава за тешка телесна повреда, а судот, по барање на Обвинителството, определил мерки на претпазливост.
Организациите бараат одговори врз основа на кои докази и околности е направена правната квалификација на делото, дали е испитано постоењето намера за лишување од живот и врз каква проценка на ризикот е заснована одлуката дека определените мерки се доволни за безбедноста на жената.
Посебна проверка, како што додаваат, бараат и јавно изнесените наводи за семејното влијание на осомничениот. Според медиумските информации и обраќањето на мајката на повредената жена, мајката на осомничениот е поранешна претседателка на ДКСК, а неговиот татко е инспектор во УЈП.
Од организациите нагласуваат дека овие функции сами по себе не докажуваат вмешаност, но наводите за барање помош за прикривање на настанот и влијание врз медицинската документација мора да бидат итно и независно истражени.
„Јавната функција, партиската блискост и пристапот до институциите не смеат да станат семејни ресурси за избегнување одговорност. Нееднаквата моќ станува особено опасна кога жената има причина да стравува и од насилникот и од мрежата што може да застане зад него“, се наведува во реакцијата.
Во однос на случајот во Битола, организациите посочуваат дека 21-годишна жена пријавила долготрајно насилство, закани со убиство и давење, по што осомничениот избегал низ прозорец од полициска станица. Според објавените информации, жената е сместена во засолниште, додека осомничениот останува недостапен за полицијата.
Тие оценуваат дека е неопходно да се утврдат околностите и пропустите што го овозможиле неговото бегство, како и индивидуалната и институционалната одговорност.
Организациите реагираат и на, како што наведуваат, префрлањето на одговорноста меѓу полицијата, обвинителството, судовите и политичките партии. Според нив, партиските изјави дека „никој не е над законот“ мора да бидат проследени со конкретно постапување што јавноста ќе може да го провери.
Во заедничката реакција упатуваат неколку конкретни барања:
- ОЈО Охрид итно да поднесе предлог за определување притвор за осомничениот, со образложување на законските основи и земање предвид на сериозноста на нападот, ризикот од повторување на насилството и можноста за влијание врз жртвата, сведоците и доказите.
- Да се испита улогата на сите лица за кои постојат наводи дека учествувале во насилството, му помагале на осомничениот или се обиделе да го прикријат настанот и да вршат притисок врз жртвата, сведоците, здравствените работници и институциите.
- Итно да биде пронајден осомничениот во Битола и јавно да се утврдат околностите и пропустите што го овозможиле неговото бегство од полициската станица, како и одговорноста на полициските службеници и нивните претпоставени доколку се утврдат пропусти.
- Да се изврши целосна проверка на институционалното постапување пред фемицидот во Богданци, особено во однос на претходните пријави и закани.
- Да се обезбедат непосредна, координирана и долгорочна заштита на жените изложени на насилство, правна и психосоцијална поддршка и стабилно финансирање на специјализираните услуги.
- Без одложување да се придвижат неопходните законски измени, без антиродови условувања и отстапување од стандардите на Истанбулската конвенција.
- Соодветно да бидат санкционирани лицата кои упатуваат јавни пораки со кои се оправдува насилството или се промовира дискриминација врз жените.
- Медиумите доследно да ги применуваат професионалните стандарди, одговорно да известуваат и да ја штитат приватноста и достоинството на жртвите.
Организациите оценуваат дека одговорноста за ваквата состојба е системска, политичка и колективна и произлегува од длабоко вкоренетата мизогинија и нееднаквата распределба на моќта.
Тие посочуваат дека насилството се потхранува во општество во кое љубомората се романтизира, контролата се оправдува, а од жените се очекува да трпат за да ги зачуваат семејството, угледот и туѓото достоинство.
Особено остри се и во критиките кон јавните функционери, верските авторитети и медиумите за кои сметаат дека придонесуваат за нормализирање на машката контрола врз жените.
Во реакцијата го посочуваат и премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговата изјава во која семејното насилство го нарекол „мал престап“ ја минимизира сериозноста на проблемот. Одговорност, според нив, имаат и верските авторитети, меѓу кои и епископот Јаков, кога го користат јавниот простор за мобилизација против родовата еднаквост.
Дополнуваат дека одговорност имаат и медиумите кои им даваат простор и јавна легитимност на лица кои ја оправдуваат контролата врз жените, промовираат „машки надзор“ и поттикнуваат насилство.
Организациите предупредуваат и на опасноста од антиродовите наративи, кои, според нив, ја величаат хиерархијата, наметнуваат таканаречени „природни“ улоги и ја ставаат слободата и животот на жените во служба на семејството, нацијата и авторитетот.
„Одговорноста за извршеното насилство е кај сторителот. Одговорноста за неговото оправдување, нормализирање и неказнување се протега низ целото општество. Системската одговорност не ја разредува индивидуалната: таа бара да се утврди кој нападнал, кој ја потценил опасноста, кој пропуштил да заштити и кој ја употребил својата моќ за да обезбеди неказнивост“, порачуваат трите организации.
Тие заклучуваат дека е крајно време Собранието и Владата да заземат јасен став дали се гради држава безбедна за жените или држава што наоѓа изговори за оправдување на насилството.








