Театар Вортекс од Скопје со претставата „Кокошка“ гостува во Охрид на 25 ноември

Театар Вортекс од Скопје на 25 ноември ќе гостува во Охрид со театарската претстава „Кокошка“, работена според текст на рускиот драматург Николај Кољада.
Претставата ќе биде изведена во малата сала во Охрид, со почеток во 20 часот, а цената на билетот изнесува 300 денари.
Режијата е на Теодора Силјаноска, костимографијата на Марија Пупучевска, додека за сценските движења е задолжен Дарко Велиќ. Изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска.
Во актерската екипа се Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева.
„Кокошка“ ја обработува потребата за слобода, копнежот по љубовта и желбата за сонување, дури и во свет во кој владеат рамнодушноста и апатијата. Преку импровизација, комедија на апсурд и игра, ликовите се соочуваат со внатрешниот хаос, моралните вредности, суетата и стравот од промени.
Младоста е во центарот на претставата, претставена како сила што се спротивставува на навиките, рамнодушноста и затворените системи, носејќи ја потребата за искреност, љубов и промена.
Станува збор за независен театарски проект реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам, Прилепска пиварница, Bonanca Urban и Кораб Трница.
Билетите се во продажба на билетарницата, која работи секој работен ден од 10 до 17 часот, како и на денот на претставата од 13 до 20 часот.








