Патарини според поминати километри, новиот електронски модел би се применил првично на автопатот Кичево – Охрид

Електронска наплата на патарините, без запирање на возилата и физичко плаќање на наплатните станици, е новиот модел што го разгледува Министерството за транспорт. Според најавите на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, идејата е возачите да плаќаат според растојанието што навистина го поминале, наместо фиксна сума на одредени наплатни пунктови.
Ова би значело побрз проток на сообраќајот, намалување на гужвите и поголема безбедност, но и поправедна пресметка на патните трошоци за граѓаните.
Николоски посочи дека за подготовка на законското решение ќе биде побарана експертска помош од Европската транспортна заедница, со цел да се искористат искуствата од европските држави кои веќе применуваат вакви системи.
Автопатот Кичево–Охрид меѓу првите со новиот модел
За охриѓани особено значајна е најавата дека електронската наплата првично би се применувала на автопатот Кичево–Охрид, чија целосна функционалност, според најавите на министерот, се очекува во мај. Во наредните недели се очекува да биде пуштен во употреба и најсложениот дел од трасата, кој опфаќа четири галерии, повеќе мостови и вијадукти, како и најдолгите тунели.
Планот е новиот систем постепено да се прошири и на останатите автопатски делници што се во изградба, меѓу кои Прилеп–Битола, Букојчани–Гостивар, Гостивар–Тетово и Кичево–Букојчани.
Сегашниот начин на наплата не е секогаш правичен за возачите кои поминуваат различни растојанија, а плаќаат иста сума на една наплатна станица, посочи министерот.
Според најавите, законското решение би требало да биде презентирано во текот на декември, по што ќе следуваат понатамошните активности за воведување на новиот систем.








