Skip to main content

Левица бара 30 милиони денари за заштита на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато

Партијата поднела амандман со кој предлага средствата да бидат наменети за научни истражувања, мониторинг и воспоставување функционален систем за управување со овие природни екосистеми, повикувајќи се на континуираните предупредувања на УНЕСКО за загрозеноста на Охридскиот Регион.
 |  инфодеск  | 

Левица поднела амандман за обезбедување дополнителни 30 милиони денари во предлог-Буџетот за 2027 година, наменети за научна заштита, функционално управување и континуиран мониторинг на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато.

Како што посочуваат од партијата, од вкупно предвидените средства, 8 милиони денари се наменети за научни истражувања и мониторинг на Студенчишкото Блато, 10 милиони денари за воспоставување функционална управувачка структура и спроведување план за управување, додека 12 милиони денари се предвидени за континуиран научен мониторинг на Охридското Езеро.

Од Левица потенцираат дека опасноста за Охридскиот Регион и неговиот статус на светско наследство останува актуелна, повикувајќи се на предупредувањата на УНЕСКО. Во соопштението се наведува дека во 2025 година Комитетот утврдил дека се исполнети условите за впишување на регионот на Листата на светско наследство во опасност. Иако во 2026 година одлуката била одложена, од партијата посочуваат дека тоа не значи дека опасноста е отстранета.

Особено ја издвојуваат состојбата со Студенчишкото Блато. Според Левица, иако постапката за негово прогласување за парк на природата започнала уште во 2022 година, официјалниот извештај на Собранието потврдува дека Владата во септември 2024 година го повлекла сопствениот предлог-закон за негово прогласување.

Од партијата додаваат дека постои несогласување меѓу информациите што Владата ги доставува до УНЕСКО и констатациите на Комитетот. Имено, додека Владата во извештајот наведува дека законот повторно е подготвен и се наоѓа во завршна фаза на донесување, Комитетот на УНЕСКО во јули 2026 година сè уште констатирал дека законот е во подготовка и побарал забрзување на неговото усвојување.

Дополнително, во соопштението се посочува и загриженоста на УНЕСКО во врска со продолжувањето на комплексот „Горица 3“, кој Левица го поврзува со дивоградбата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Според партијата, УНЕСКО изразил загриженост поради обемот на комплексот и неговото потенцијално негативно влијание врз светското наследство.

Од Левица потсетуваат и на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно соопшти дека Владата побарала од УНЕСКО шестгодишен период за отстранување на забелешките во однос на Охридскиот Регион, образложувајќи дека „не можат за две години да исправат нешто што е три и пол децении расипувано“.

Во тој контекст, од партијата го поставуваат прашањето за посветеноста на Владата кон заштитата на Охридското Езеро, посочувајќи дека барањето шестгодишен рок од УНЕСКО, паралелно со одолговлекувањето на клучните постапки за заштита на регионот, отвора дилеми за приоритетите на извршната власт.

„Затоа Левица предлага 30 милиони денари за научна заштита, мониторинг и функционално управување со македонските природни екосистеми. Ако ДПМНЕ навистина се залага за зачувување на УНЕСКО-статусот, нека го поддржи амандманот. Заштитата на Охридското Езеро се докажува со дела, а не со политички декларации“, порачуваат од Левица во дописот до медиумите.