МВР предупредува на опасна онлајн-група „764“ која регрутира деца и ги принудува на самоповредување

Министерството за внатрешни работи ги повика родителите, старателите и наставниците да внимаваат на активности поврзани со „764“, насилна онлајн група чии членови стапуваат во контакт со деца и други ранливи лица преку социјални мрежи, апликации за комуникација и онлајн игри. Апелот е превентивен, а МВР посочува дека на опасноста од оваа мрежа предупредува и американското Федерално истражно биро (ФБИ).
Според МВР, членовите на групата често се претставуваат како врсници или се обидуваат да воспостават пријателски однос. Откако ќе ја стекнат довербата на детето, може да почнат да го уценуваат и да го принудуваат да испраќа интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредува или да врши насилство. Добиените материјали потоа ги користат за натамошни закани и уцени.
Како можни предупредувачки знаци, МВР ги наведува ненадејното повлекување, стравот, таинственоста при користење на телефонот, заканувачките пораки и необјаснетите повреди. „Овие промени не мора да значат дека детето е жртва на ваква група, но доколку се забележат, важно е да не се игнорираат“, посочуваат од Министерството.
Од МВР препорачуваат родителите отворено да разговараат со децата за тоа со кого комуницираат на интернет и да им дадат до знаење дека можат да побараат помош без страв дека ќе бидат обвинети.
Сомнителните активности може да се пријават на cybercrime@moi.gov.mk. Од МВР советуваат да се зачуваат пораките, корисничките имиња и линковите и да не се влегува во конфронтација со лицата што се закануваат. „Не преземајте и не препраќајте експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници“, предупредуваат од Министерството.








