„One Stop Shop“ на Ќафасан – побрзо и полесно преминување на границата меѓу Македонија и Албанија

На граничниот премин Ќафасан денеска официјално беше промовиран интегрираниот граничен систем „One Stop Shop“, со присуство на премиерите на Македонија и Албанија, Христијан Мицкоски и Еди Рама.
Со воведувањето на овој систем се очекува значително да се олесни протокот на патници и возила меѓу двете соседни земји, да се скрати времето на чекање на граничниот премин и да се поттикне развојот на економската и туристичката соработка.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Ќафасан е еден од фреквентните гранични премини, кој годишно го користат неколку милиони патници, поради што новиот начин на гранична контрола претставува значаен чекор кон побрза и поефикасна комуникација меѓу двете држави.

„За нас претставува задоволство што можеме да го отпочнеме овој начин на соработка помеѓу двете земји, помеѓу Албанија и Македонија, бидејќи ‘One Stop Shop’ системот ќе го олесни транспортот на патници. Неколку милиони годишно го поминуваат овој граничен премин, а на тој начин дополнително ќе ги доближи и онака блиските две земји“, изјави Мицкоски.
Тој изрази очекување дека успешната примена на овој модел ќе продолжи и на останатите гранични премини меѓу Македонија и Албанија, што дополнително ќе придонесе за поврзување на граѓаните и зајакнување на добрососедските односи.
Посебен акцент Мицкоски стави и на туристичкиот потенцијал што го нуди новиот систем. Според него, поедноставеното преминување на границата ќе овозможи полесно поврзување на туристичките центри од двете страни, од Охрид, Струга и Охридското крајбрежје до албанското приморје.

„‘One Stop Shop’ системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал коишто го имаат двете земји. Кога зборувам за двете земји, тука мислам на Охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија“, посочи премиерот.
На крајот, Мицкоски упати благодарност до сите институции и служби вклучени во реализацијата на проектот, меѓу кои Министерството за внатрешни работи и Царинската управа, како и до албанскиот премиер Еди Рама за поддршката и соработката во спроведувањето на иницијативата.







