Посредување на црно ја нарушува продажбата на недвижности

Нерегистрирани посредници ја нарушуваат продажбата на недвижности. Покрај уредно регистрираните агенции, на пазарот на недвижности сè позастапено е и посредувањето на црно. . Оваа појава создава нелојална конкуренција, но и дополнителни ризици за граѓаните кои купуваат или продаваат недвижен имот. Од агенциите предупредуваат дека отсуството на професионални стандарди и контрола ја усложнува работата и ја доведува во прашање правната и финансиската сигурност на клиентите. Регистрираните агенции за недвижности плаќаат даноци, имаат фирми и вработени а нерегистрираните на диво препордаваат преку интернет, ја рушат цената заработуваат и создаваат сива економија.
„Професионалните агенции се соочуваат со нелојалната конкуренција и истата претставува сериозен предизвик во нашето секојдневно работење. Многу често физички лица без регистрирана дејност посредуваат при продажба на недвижности и овдека покрај правна се случува, значи клиентите се изложени покрај на правен ризик и на финансиски ризик.” – вели Наташа Спасеска, агент за недвижности.
Социјалните мрежи дополнително го олеснуваат огласувањето и посредувањето надвор од регистрираните агенции. Агенциите велат потребно е системско уредување на дејноста за да се воспостават јасни правила и поголема заштита на купувачите.
„Во овој дел навистина е потребно да се изврши лиценцирање на дејноста со што ќе се подигнат професионалните стандарди и квалитетот во работењето и би се избегнала, односно намалила таа нелојална конкуренција, а самите купувачи би биле заштитени од тие правни и финансиски ризици.”-вели Спасеска.
Агенциите предлагаат лиценцирање и поголемата контрола врз посредувањето како можни решенија за ограничување на сивата економија и воспоставување поуреден и потранспарентен пазар на недвижности.
фото. ТВМ архива








