„Збогум Буково“ со барања до Општина Охрид за буџетски средства за еколошки мерки во 2027 год

Граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ ќе одржи јавна средба во Охрид на која ќе ги презентира барањата за утврдување приоритетни мерки и обезбедување буџетски средства за заштита на животната средина во Општина Охрид за 2027 година.
На средбата, која ќе се одржи во четврток, 26 ноември, со почеток во 11:55 часот, во просториите на „Касарна Хаб“, ќе бидат образложени конкретните предлози на иницијативата, кои се однесуваат на неколку клучни еколошки прашања.
Меѓу барањата се итни мерки за контрола, надзор и спречување пожари на Буково, издвојување посебни буџетски средства за подобрување на управувањето со отпадот, проширување на селекцијата, набавка на возило и воспоставување собирен центар.
🔹 Буково – итни мерки за контрола, надзор и спречување пожари.
🔹 Управување со отпад – посебен буџет за проширување на селекцијата, набавка на возило и воспоставување собирен центар.
🔹 Квалитет на воздухот – оперативен протокол за постапување при зголемено загадување, со јасни мерки и одговорности.
🔹 Урбано зеленило – создавање нови зелени површини и дрвореди, со посебно планирани финансиски средства.
🔹 Оџачарски услуги – подобра достапност на услугите и субвенции за чистење на оџаците, особено за социјално ранливите домаќинства.
🔹 Транспарентност и учество на јавноста – јасни одговорности, рокови, редовно известување и вклучување на граѓаните во носењето одлуки.
Од „Збогум Буково“ посочуваат дека е неопходно еколошките прашања да почнат да се решаваат систематски, координирано и долгорочно, преку конкретни годишни програми, реални буџетски средства и утврдени рокови за реализација.
Барањата веќе се доставени до советниците, претставниците на локалната самоуправа и надлежните институции, а на средбата ќе се разговара и за можностите за нивно спроведување.
На јавната дискусија се поканети советниците, претставниците на Општина Охрид, надлежните институции, медиумите и сите заинтересирани граѓани.








