Skip to main content

Засилени безбедносни мерки и посебен сообраќаен режим во Охрид и Струга поради Самитот Брдо-Бриони

Поради одржувањето на состанокот на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, денеска и утре во Охрид и Струга ќе важат засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај. Од СВР Охрид информираат дека се предвидени контроли, забрани за запирање и паркирање, како и повремени краткотрајни застои на повеќе сообраќајници, поради движењето на делегациите под полициска придружба.
 |  инфодеск  | 

Поради претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, што денес и утре ќе се одржи во Охрид, од денеска во Охрид и Струга, на сила се засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај. Станува збор за активности насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците, објектите и локациите опфатени со протоколот за посета.

– Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај во Охрид и Струга, на трасите предвидени за движење на возилата под придружба, интензивно спроведуваат мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот во двата града, особено по булеварот „Туристичка” во Охрид, на дел од автопатот Охрид-Кичево, во централното градско подрачје во Струга, по регионалниот пат Струга Струга-Дебар, како и по други улици и сообраќајници каде што нема да биде дозволено запирање и паркирање моторни возила. Тука, предвидени се краткотрајни застои во сообраќајот кои ќе трааат до поминување на возилата со кои се превезуваат учесниците на средбата, информира портпатолот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Со цел безбедно и непречено одвивање на предвидените активности на терен, СВР Охрид навремено воспостави контакти и координација со службите на локалната самоуправа, со правните субјекти задолжени за одржување на патиштата и улиците, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици во општините Охрид и Струга, јавните претпријатија и други релевантни институции.

Од Секторот апелираат до граѓаните-возачи на патнички и други моторни возила, да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедноста на сите учесници а своите возила, да ги користат само во неопходни случаи во периодот на спроведување на мерките.