Skip to main content

Претставници на Охрид во работна посета на Кожани и Лерин за размена на искуства за управување со отпад

Претставници на Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ разменија искуства и се запознаа со современи европски практики за селекција, третман и одржливо управување со комуналниот отпад.
 |  инфодеск  | 

Претставници на Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ – Охрид, на 23 и 24 ноември 2026 година, реализираа работна посета на Кожани и Лерин, Република Грција, на покана на ЕНВИРОПЛАН С.А.

Посетата беше организирана во рамките на проектот „Регионално управување со цврст отпад – Корпоративен развој и институционална поддршка“, финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и SECO, а спроведен од Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Заедничкиот конзорциум предводен од ЕНВИРОПЛАН С.А.

Целта на посетата беше запознавање со современите системи за управување со отпад, оперативното функционирање и мониторингот на регионалните центри за управување со отпад, како и практиките за заштита на животната средина и здравјето и безбедноста при работа.

Во рамките на посетата, учесниците го посетија интегрираниот центар за управување со отпад и санитарната депонија во Кожани. Таму се запознаа со процесите на секундарна селекција и рециклирање на комуналниот отпад, механичко-биолошкиот третман, преработката на материјалите и функционирањето на санитарната депонија.

Во Лерин беше посетена претоварната станица, каде што беше презентиран процесот на претовар на комуналниот отпад во прес-контејнери и неговиот транспорт до депонијата во Кожани. Делегацијата го посети и Центарот за креативна повторна употреба, каде што се запозна со практиките за повторна употреба на предмети и материјали.

Работната посета претставува значајна можност за размена на искуства, стекнување практични знаења и запознавање со успешни европски практики кои можат да придонесат кон воспоставување современ, ефикасен и одржлив систем за регионално управување со отпад.