Skip to main content

Одложен почетокот на судењето против Кристијан Корабоски за нападот врз Сара Ѓорѓиеска, ново рочиште на 1 декември

Обвинетиот Кристијан Корабоски не дојде во судница на првото рочиште за претепувањето на Сара Ѓорѓиеска, одбраната бара изземање на сите обвинители и кривични судии од Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

Главниот претрес против Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, денеска не започна во Основниот суд во Охрид, поради повеќе барања за изземање поднесени од одбраната.

Почетокот на судењето доцнеше повеќе од половина час. Во судницата беше присутна оштетената Сара Ѓорѓиеска, со видливи модринки на лицето, додека обвинетиот Корабоски не се појави во судницата.

Одбраната на обвинетиот побарала изземање на јавниот обвинител кој постапува во предметот, како и на сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Охрид. Дополнително, било побарано изземање на судиите Александра Поп Стефанија и Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд Охрид, Бојан Мартиноски.

Полномошникот на оштетената, адвокатот Ѓоко Шајн, по рочиштето информираше дека барањето за изземање на судиите е одбиено.

„Поради немање на процесни претпоставки, односно пречки, имаше поднесено барање од страна на одбраната на обвинетиот, барање за изземање на јавниот обвинител кој постапува во овој предмет и сите обвинители на ОЈО Охрид. Исто така беше поднесено и барање за изземање на судечкиот судија Александра Поп-Стефанија и на судијата Милчо Клишески од Основен суд Охрид. Поднесено беше и барање за изземање и на претседателот на Основен суд Охрид, Бојан Мартиноски. Одлучено беше по барањето за изземање на судечкиот судија и на судијата Милчо Клишески, на тоа барање одлучи претседателот, судијата Бојан Мартиноски, го одби таквото барање. “, рече Шајн.

Тој појасни дека за барањето за изземање на јавните обвинители треба да одлучи надлежниот виш јавен обвинител, додека за изземањето на претседателот на охридскиот суд треба да се произнесе претседателот на Апелациониот суд во Битола.

Запрашан за причините поради кои одбраната ги поднела барањата, Шајн оцени дека станува збор за обид за одолговлекување на постапката.

„Сметам дека заради одолговлекување на постапката, избегнување на одговорноста и ево видовте не беше присутен во судницата, тој бил присутен во судот во притворското одделение. Јас не го видов обвинетиот, значи ни така ни известија дека е тука во притворското одделение кое се наоѓа позади. “, додаде адвокатот.

Запрашан за отсуството на обвинетиот и дали тоа го има во судската пракса или станува збор за преседан ,адвокатот со одговор:

„Не е возможно, требаше да биде присутен тука  во судницата, како што е присутна оштетената, како што е присутен јавниот обвинител, како што сме присутни јас како полномошник на оштетената… Така да не знам од кои причини. Обвинетиот мора да се појави, на наредното мора да се појави, да биде присутен тука “ – кажа адвокатот.

Судечката судијка Александра Поп Стефанија го прекина денешното рочиште, а новиот термин за продолжување на постапката е 1 декември.

Корабоски на 15 ноември ја претепа Ѓорѓиеска, со која бил во врска, до бесознание и ја оставил на улица. Тој со обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Охрид се товари за три кривични дела, Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста. Определен му е 30-дневен притвор.