Продолжуваат ракометните квалификации, Македонија гостува во Сараево
Македонската ракометна репрезентација утре против Босна и Херцеговина со почеток од 20 часот го игра вториот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство што 2012 година ќе се одржи во Србија.
| Маја Савиќ | Спорт
ракомет
По победата над Естонија македонските репрезентативци очекуваат тешко гостување во Сараево. Домаќинот во рамките на групата „1“ во првото коло загуби од Унгарија на гости.– Очекувам полна сала. Сум играл во Босна и Херцеговина и очекувам пеколна атмосфера и тежок натпревар, каде ќе решаваат и одбраните и нападите. Нашиот напад ќе мора да биде посигурен отколку во дуелот со Естонија. Мораме да одиграме 40-50 проценти подобро отколку во средата со Естонија, истакна голманот на Македонија, Борко Ристовски.
За македонскиот в.д. селектор и „клупата“ ќе решава околу конечниот исход.
– Ќе мора и резервните играчи да помогнат кога ќе биде потребно. И македонските екипи во еврокуповите тешко играат на гостувањата во Босна и Херцеговина, па ќе посветиме поголемо внимание на тактиката. Босна и Херцеговина е поквалитетна екипа од Естонија. Тие се еден од фаворитите во нашата група. Во Сараево не треба да правиме грешки како со Естонија, да не бидеме еуфорични и да нема избрзани удари, нагласи Шундовски.
Против Босна и Херцеговина, Македонија досега двапати има играно на гостински терен и двапати била поразена. Во 2002 година (22:20 во квалификации за СП 2003) и 2005 година (34:30 во Горажде во квалификации за ЕП 2006).
Покрај дуелот Босна и Херцеговина – Македонија од групата „1“ играат уште Естонија – Унгарија. И двата натпревара се играат в недела.
{loadposition content9}