Орден за заслуги за Македонија постхумно за Тоше Проески
Претседателот Ѓорге Иванов денеска постхумно го одликува Тоше Проески со Орден за заслуги за Македонија, ден пред 30-годишнината од неговото раѓање.
Македонија и целиот Балкан утре ќе го слават 30тиот роденден на единствениот Тоше Проески. Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов , постхумно го одликува Тоше со „Орден за заслуги за Македонија“.
Утревечер, во арената „Борис Трајкоски“ ќе се одржи и концерт во негова чест, на кој ќе биде промовирано уште едно ЦД насловено „ Со љубов од Тоше“ на кое се наоѓаат неговите омилени песни.
Иако веќе не е меѓу нас, неговите песни, неговата музика и харизмата кои го красеа, се погрижија тој вечно да живее во нашите срца. Охриѓани, традиционално, како и секоја година, со организиран превоз ќе одат во Крушево да му оддадат почит на „Златното момче“.
„Утре во 7:30 часот наутро, од пред школото „Братство Единство“, пред Крст-џамија ќе се оди во Крушево каде што прво ќе го посетиме неговиот манастир кој го градеше „Преображение“, значи прво ќе го посетиме манастирот, а потоа ќе одиме на Гумење каде што е неговиот вечен дом.“-изјави Здравко Ратајкоски, Претседател на НВО „Рибари“
За утрешниот ден беше закажано и отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески, во која треба да се најдат сите предмети на Тоше, како и експонати од семејството Проески. Сепак отворањето е сеуште неизвесно.
„Доколку се стигне до 19 часот, утре неговата спомен куќа ќе биде отворена, меѓутоа ако се стигне, ако не се стигне тогаш тоа ќе биде направено во договор со семејството Проески. Оваа година имаме и деца кои се приматели на социјална парична помош, кои немаат доволно средства да отидат во Крушево, а сакаат да го видат манастирот, со ова истовремено го запазивме и хуманитарниот карактер кој Тоше го практикуваше многу пати“- рече Ратајкоски
Тој исто така ни напомна дека НВО „Рибари“ презема и иницијатива за ставање на спомен обележје на Тоше Проески и во Охрид. Оваа иницијатива ќе биде поднесена до Советот на општина Охрид во Март оваа година.
Во сеќавање на хуманоста и огромното срце со кои Тоше Проески им помагаше на многу луѓе, Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов постхумно го одликува Тоше со „Орден за заслуги за Македонија“.
НЕКА ТИ Е ЧЕСТИТ РОДЕНДЕНОТ АНГЕЛУ НАШ!
{loadposition content9}