Skip to main content

Златниот венец на СВП за Матеја Матевски

По 30 години македонски поет лауреат на Струга.   

 |   | 
zlaten venec na CVP
златен венец на СВП

zlaten venecАкадемик Матеја Матевски е добитник на „Златниот венец“ на 50. јубилејно издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшките вечери на поезијата“ за 2011 година. Ова беше соопштено вчера во МАНУ од претседателот на управниот одбор на манифестацијата Славе Ѓорго Димовски. Одборот едногласно ја донел оваа одлука на 10 март.

– Во опусот на Матевски е содржан посебен поетски сензибилитет со богат израз, содржина, значење и претставува монументално созвучје на разновидности склопени во еден специфичен поетско-медитативен свет. Свет на теми идеи и ставови што го прават модерен поет, со висока творечка и цивилизациска самосвест – образложи Димовски.

Македонскиот поет, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач Матеја Матевски е вториот Македонец по Блаже Конески, кој го доби ова високо поетско признание.

– Прекрасно е ова чувство бидејќи се совпаѓа со големиот јубилеј на СВП, кои ги создаваме од една скромна манифестација. Оваа награда ја заслужувале и ја заслужуваат и други македонски автори, бидејќи во Македонија се создава прекрасна поезија на високо ниво, која го пробива патот до срцата на луѓето – вели Матевски.

Претседателот на МАНУ, Георги Старделов, изјави дека Матевски е најпознатиот македонски поет во современиот свет и во светот на поезијата.

Mateja Matevski– Матевски истовремено е и поет што продрел длабоко во драмата на светот во кој живее. Тој е светско-историска појава, која не можете да ја најдете и кај најзначајните поети на овој свет. Неговата песна наиде на планетарна рецепција. Матевски е варијација на една голема тема – љубов и смрт – вели Старделов.

Матеја Матевски е роден на 13 март 1929 година во Истанбул. Член е на МАНУ од 1979 година, а нејзин претседател од 2001 до 2004 година. Добитник е на повеќе национални награди за поезија, како „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Книжевно жезло“… За препев на поезија тој е добитник на наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ. Добитник е на повеќе меѓународни литературни награди. Автор е на повеќе книги, како „Дождови“, „Рамноденица“, „Перуника“, „Мртвица“ и др.

{loadposition content9}