Skip to main content

Случајот „Пливалиште“ денес доби разрешница

Основниот суд во Струга тројцата обвинети ги прогласи за виновни за кривично правниот настан. Тие се товареа за тешки дела против општата безбедност.

 |  Мишел Наумоски  | 

Основниот суд во Струга тројцата обвинети ги прогласи за виновни за кривично правниот настан. Тие се товареа за тешки дела против општата безбедност. Ваквата одлука ги остави незадоволни адвокатите, но пред се семејствата на обвинетите кои во солзи ја напуштија судницата.

Виновни! Така гласеше денешната пресуда во случајот „Пливалиште“. Ваквата пресуда следуваше по осуммесечната доказна постапка по која денес со задоцнување од половина час се произнесе Основниот суд од Струга. Тројцата обвинети се товареа за тешки дела против општата безбедност. Првообвинетиот Цвете Вранишкоски беше осуден на казна затвор од 4 години, Климе Миладиноски на 3 години, додека Гоце Јанески доби казна затвор во траење од 3 години и 4 месеци.

Адвокатите на тројцата обвинети беа очигледно незадоволни. Тие сметаат дека во текот на доказната постапка не биле земени во предвид сите расположливи докази кои би ја дале вистинската слика за случајот „Пливалиште“.

„Она што не се разјасни, тоа е фактичката ситуација. Затоа сметаме дека пресудата не е праведна. Дел од вас бевте присутни и на минатиот претрес и бевте сведоци дека јас го алармирав судот дека во предметот има две дијаметрално спротиставени вештачења по однос на тоа што се случи со струјата, дента. Судот таа околност воопшто не ја разработи и сосема нормално и очекувано беше да донесе ваква пресуда која што најавувам дека ќе ја обжалиме по сите основи“ рече  Воислав Димоски-адвокат на обвинетите

Одбраната одби да ја коментира одлуката на судот да ги прогласи за виновни тројцата обвинети како и висината на нивната казна, бидејќи како што велат тие: „Тоа е право и одлука на судот“, но повторно дополнаа дека ваквата пресуда ќе биде обжалена.

„Сметаме дека во текот на постапката не се утврди правата вистина за настанот. Обвинетите кои што се денес прогласени за виновни се во таа структура во однос на одговорноста, но се само еден дел, лично сметам дека е помалиот дел во однос на државните органи и други поединци кои беа спомнати во текот на доказната постапка. За жал ниту судот, ниту обвинителството имаше доблест правилно и целосно да се заложи да го расветли овој случај“ додаде Димитрија Цобоски-адвокат на обвинетите

Затворската казна за тешки дела против безбедноста изнесува од 1 до 5 години. Со денешната одлука судијата Живко Аврамоски го затвори случајот „Пливалиште“ во кој од струен удар, на шанк крај струшкото крајбрежје, на 11 Септември, минатата година загинаа тројца стружани.