ВМРО-ДПМНЕ Струга контра градоначалникот Мерко
ВМРО-ДПМНЕ Струга од денес преминува во опозиција на градоначалникот Мерко. Поради незадоволство од работењето на струшкиот градоначалник, тие стануваат лична опозиција на Мерко, а не на неговата партија. Велат со ДУИ имале одлична и плодна соработка.
ВМРО-ДПМНЕ-Струга станува опозиција на градоначалникот Рамиз Мерко. Незадоволни од работењето на Струшкиот градоначалник, тие од денес преминуваат во негова лична опозиција, а не опозиција на неговата партија. Велат со ДУИ имале одлична и плодна соработка. Претседателката на општинскиот изборен штаб, Надица Николоска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ-Струга има сериозни сомнежи дека во својата работа, Мерко не се придржувал кон законите и не ги почитувал интересите на Стружани.
„ВМРО-ДПМНЕ посебно изразува остро незадоволство од третманот кој Македонците во општина Струга го имаат од страна на господинот Мерко, и затоа одиме во опозиција на Мерко и од таа позиција ќе бидеме најгласни и најжестоки поборници за реализацијата на правата и интересите на македонското население во Струга и глас на народот кој ќе се труди за квалитативно остварување на потребите на сите граѓани на општината.“ вели Надица Николоска-претседател на општинскиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ-Струга
Николоска вели тие се спротиставувале на непродуктивната лична политика на Рамиз Мерко, но уште еднаш не испушти да додаде дека ваквиот настап не е насочен против Демократската унија за интеграција.
„Ова не значи дека менуваме нешто во нашиот однос со политичката партија ДУИ, затоа што со нив како партија имаме интензивна и продуктивна соработка и на локално и на национално ниво која ќе продолжи и во иднина, заеднички сработуваме многу проекти и реформи кои се во интерес на задоволување на потребите на граѓаните и модернизација на државата. Однесувањето и неработата на Рамиз Мерко е проблем за Стружани.“-додаде Николоска
На прес конференцијата не беше потенцирано за што конкретно се обвинува Мерко, ниту кои закони според ВМРО-ДПМНЕ тој не ги почитувал. Оваа дилема останува неразјаснета и натаму. Граѓаните и јавноста засега ќе мора само да погодуваат за што станува збор.
{loadposition content9}