Skip to main content

Како до побезбедни матурски и полуматурски вечери?

Ова прашање денес го обработуваше дваесетиот по ред состанок на советодавната група на граѓани од Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 

Организирањето на матурска вечер без инциденти станува се поголем предизвик. Состојбите се такви какви што се, а сега останува само да се минимизира колатералната штета. Во таа насока беше и денешниот дваесетти по ред состанок на советодавната група на граѓани од Охрид. СВР-Охрид ќе ги запознава родителите и нивните деца-матуранти за нивните права и обврски за време на матурските прослави. Овој проект се спроведува трета година по ред и бележи добри резултати. Состанокот на советодавната група на граѓани заврши со неколку заклучоци.

„Од присутните беше пред се побарано да се продолжи со мерката на организиран превоз на ученици до хотелите каде што ќе се одржуваат матурските прослави. Понатака беше побарано од полицијата да се продолжи мерката на присуство на полицијата преку пунктови на повеќе места вклучувајќи ги школите, угостителските објекти каде ќе се одржуваат матурските прослави но и поголемо присуство на сообраќајната полиција по крстосниците, по улиците, по сообраќајниците низ градот и до хотелските објекти.“-вели Портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски

Статистиката на СВР-Охрид вели дека во 2009 година имало само два инциденти за време на матурските прослави кои биле поврзани со прекумерно конзумирање на алкохол додека во 2010 воопшто не биле регистрирани такви инциденти. Токму во таа насока од СВР-Охрид велат дека тие ќе продолжат со превентивните мерки се до одржувањето на матурските прослави.

„Во наредните денови ќе го интензивираме присуството на полициските службеници преку презентација која тие ќе ја одржат во непосредна средба со учениците од основните училишта, од средните училишта, но и со родителите. Меѓу другото целта е да се истакне и неопходноста од автоконтрола на матурантите и на полуматурантите, но и да се прикажат и да се покажат одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но и одредбите од Законот за прекршување на јавниот ред и мир.“-додаде Портпаролот Димоски

На состанокот исто така, беше побарана натамошна активност на пазарната и другите инспекции и контрола на продавниците во однос на продажба на алкохол по 21 часот, поголема соработка на школите и агенциите за обезбедување но и преглед на агенциите врз ученици во одредени случаи  на сомнеж за носење алкохол или други предмети.

Во насока на едукативната улога на овие презентации ќе бидат дистрибуирани и соодветни едукативни материјали и флаери кои на најдиректен начин треба да им укажат на матурантите и учениците за неопходноста од безбедност на матурските прослави.


{loadposition content9}