Ако е забаено, да не е заборавено
АД „Илинден“ ќе ги асфалтира струшките улици. Како што ТВМ во неколку наврати информира, ударните дупки на неколку улици во Струга сеуште остануваат ноќна мора за возачите. Бројните искинати гуми и дефекти на возилата се препишуваа токму на овој проблем, а секако вината се посочува на Локалната.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, вели дека свесен е оти состојбата со локалната патна инфраструктура не е на завидно ниво, но оти нивната грижа е голема во таа насока. Мерко смета дека и државата треба да поводи сметка во делот на регионалните патишта, кои исто така се во катастрофална состојба. „Потпишан е договор со градежната фирма „Илинден“ од Струга за асфалтирање и санација на критичните струшки улици. Ние уште во декември отпочнавме со тампонирање на ударните дупки и не застануваме додека не ги донесеме патиштата во ред“, вели Мерко.
Голем инфраструктурен проблем во Струга претставува и „мостот на Нина“. Како што е познато, истиот, скоро година дена, е навидум затворен поради опасност, и до ден денес чека на реконструкција и санација, а преку него секој ден поминуваат деца кои одат на училиште. Мерко вели дека општината мисли и за овој проблем, па деновиве веќе е отпочната негова санација и се чека избор на изведувач, за што веќе има објавено и тендер.
Овие два инфраструктурни проблеми, доколку навистина се завршат во предвидениот рок, ќе ги оправдаат надлежните пред струшката јавност, која секојдневно укажува на тоа. Всушност, во најмала рака, тоа е и обврска на градоначалникот, на кого стружани му ја дадоа својата доверба. Останува уште еднаш времето да си го покаже своето. Како и да е ТВМ континуирано ќе ја следи состојбата во тој дел, ако е потребно ќе пофали, во спротивно нормално ќе критикува, оти сепак медиумот работи во интерес на граѓаните.