Skip to main content

Мајами оди во финалето на истокот

Една фантастична четвртина и блесок на Леброн Џејмс беа доволни на Мајами да слави и во петтиот меч од полуфиналната серија.

 |   | 

Бостон изгледаше дека е подготвен да направи мало чудо и да остане во живот за барем уште еден натпревар, но во последните 12 минути гостинските кошаркари не ги издржаа налетите на Мајами, особено на Леброн Џејмс и на почетокот на мај ја завршија сезоната. “Жешките” од Флорида ќе играат во финалето на Истокот првпат по 2006 година, а противник во него ќе им биде Чикаго или Атланта.

Ако се анализира натпреварот во средата ќе се дојде до заклучок дека Мајами не одигра одлично ниту цела четвртина, туку само последните три минути. Во нив домашните кошаркари влегоа со негатива од шест поени (81:87), а со оглед на неконзистентноста на Мајами, дури и навивачите во Американ ерлајнс арената не веруваа дека е можно да дојде да пресврт. Сепак, на сцена стапи Леброн Џејмс, иницираше серија од 16:0 во која учествуваше со десет поени и тоа конечно ја скрши прилично изморената екипа на Бостон. Прво, при резултат 87:87 реализира две тројки, потоа уште четири поени со скок-шут и забивање, а Селтикс во последните три минути ниеднаш не го погоди противничкиот кош. На крајот, Леброн имаше 33 поени и седум скока, но само го надополни она што во првото полувреме го почна Двејн Вејд со 23 од своите вкупно 34 поени.

“Не може да се опише чувството кога ќе се исфрли екипата со која сакавме да играме уште на ланскиот летен камп. А, како ја одигравме завршницата, што направи Леброн… Фантастично”, рече Вејд по натпреварот. “Големото трио” на Бостон на овој меч постигна 81 од вкупно 97 поени на целиот тим како и 23 од 26 во последната четвртина.

И покрај се, мора да им се оддаде признание на кошаркарите на Бостон кои беа решени да го дадат максимумот и да се обидат да направат рибрејк. Не смее да се заборави дека имаа проблеми и со повредите. Реџон Рондо не можеше повеќе од оние шест поени и три асистенции за 30 минути на теренот бидејќи играше практично со една рака и кога излегуваше од игра најчесто му беше укажувана лекарска помош. Шекил О’Нил настапи само на еден натпревар и тоа две-три минути, па јасно беше дека нема свежина во екипата. Таквата ситуација ја искористија Џејмс и Вејд за да го исфрлат големиот Бостон во само пет натпревари.

“Тие двајца се чудовишта. Кога ќе почнат да постигнуваат поени, се знае дека ќе биде тешко”, призна тренерот на Бостон, Док Риверс.

Без оглед на се, мора да признае дека пласманот на Мајами во финалето на Истокот е сосема заслужен бидејќи беше многу подобар тим во серијата против Бостон. Иако следува последната и најтешка пречка до големото финале, Мајами полека го остварува она што беше најавено како амбиција минатото лето при ангажирањето на Леброн и Бош иако во регуларниот дел од сезоната тимот се соочуваше со големи проблеми и во играта и во резултатите.


{loadposition content9}