Skip to main content

„Gliese 581d“, дом на животот?

Планетата Глис 581д, на дистанца од 20 светлосни години од нас, е доволно топла за да би содржела вода во течна состојба, што ја прави погодна за поддржување живот, соопштија научниците.

 |   | 

Откриена во 2007. година, планетата има маса речиси седум пати поголема од масата на нашата планета, а е дупло поголема од Земјата. На почетокот научниците сметаа дека Глис 581д е премногу ладна за да содржи вода во течна состојба, но научници од франција објавија компјутерски симулации на нејзината атмосфера и заклучија дека таа се наоѓа на погодна дистанца од нејзината ѕвезда-домаќин која би овозможила постоење на течна вода. Според истражувањето, на оваа планета би можело да има океани, облаци и дождови, консеквентно на заклучокот дека веројатно планетата има атмосфера во која има јаглерод диоксид.
Глис 581д орбитира околу ѕвездата Глис 581 од типот „црвено џуџе“ лоцирана на 20 светлосни години од нашата планета.
Робин Вордсворт, член на тимот од Институтот „Pierre Simon Laplace“ во Париз, смета дека овие откритија претставуваат нови докази за тоа дека разноличноста на планетите во вселената го надминува она што можеме да го видиме во нашиот сончев систем. Доктор Вордсворт смета дека направените компјутерски симулации претставуваат прва дефинитивна потврда за постоењето на егзопланета на која е можен живот.
Сепак, научниците предупредуваат дека поради тоа што Глис 581д орбитира околу црвено џуџе, би била чудно место за живеење. Поголемата густина на воздухот и облаците би ја направиле површината на планетата обвиена во константно матно црвеникаво небо. Треба да нагласиме дека многу добри, примерни граѓани на планетата Земја потекнуваат од сомнително обоени сончеви системи и фино се снашле кај нас, па зошто да не и ние кај нив!
Со технологијата која ја имаме, посетата на Глис 581д е речиси невозможна, во најмала рака речено. Патување 20 години со брзината на светлината, со она што го имаме на располагање, е подвиг кој би ни одзел околу 300.000 години. Но, тоа нема во никој случај истражувачите да ги одврати од идејата да продолжат да ги истражуваат можностите на овој далечен свет.