Skip to main content

„Калдерма“, во заштита на Радожда

Новото здружение на екологисти „Калдерма 2011“, се загрижи за целокупната состојба на заштита на животната средина во Радожда. Тие деновиве отворено реагираат за нарушувањето на биодиверзитетот на брегот на Охридското езеро.

 |  Николоска Биљана  | 
Еколошки атак на Охридското езеро во делот кај Радожда, струшко. На 500 метри од автокампот Ливадиште, према с. Радожда, некој си зел за право да врши ископ на приватно земјиште. Притоа сторителот неводел сметка за тоа дека дел од земјата навлегува во водата, што претставува класична деградација на езерото, брегот, трската. На ова реагираат од здружението на екологисти „Калдерма 2011“, од Радожда, струшко. Претседателот Ванчо Бакрачески рече дека се загрижени за животната средина во овој дел на езерото и точно поради тоа реагираат. Тој додаде дека и доколку се работи за градежен плац во подготовка, сепак не треба да се отскокнува од мерките предвидени со закон,  кои сигурно не дозволуваат вака насилно навлегување во езерото за околу 10 тина метри.

Светлана Бакраческа, член на У.О. на екологистите од Радожда, рече дека мора да се превземат мерки за несовесното уништување на езерото од страна на поединци. Таа смета дека треба сериозно да се поработи и на свеста на месното население за заштита на животната средина.
Неодамна основаното здружение „Калдерма 2011“, планира сериозно да се заложи за преземање на сите мерки за заштита на водата на езерото, за што всушност веќе користат средства добиени од грант на кралството Норвешка. Она што во моментов го прават членовите на „Калдерма 2011“, е скенирање на состојбата, како луѓето се справуваат со проблемот за начинот на чистење на водата. Како што е добро познато, единственото слепо црево кое остана неповрзано на колекторскиот систем е точно брегот на езерото кај Радожда. Претседателот Бакрачески вели дека наредниот период ќе се посветат на создавање услови за започнување на проект за доизградба на колекторскиот систем. Тој додава дека досега ништо не е направено од надлежните на ова поле, а тие сметаат дека колекторскиот систем не е за заштита на полињата туку за заштита на езерската вода.