До темел изгоре штала со добиток
Големиот пожар кој ја зафати шталата на стружанеоцот Ади Жута од селото Добовјани покоси се пред себе.
Големиот пожар кој ја зафати шталата на стружанеоцот Ади Жута од селото Добовјани покоси се пред себе. Покрај објектот кој изгоре до темел пламените јазици проголтаа и 37 крави и неколку телиња. Пожарот го пеплоса не само објектот туку и целокупната опрема, машините и тракторите. Штета сопственикот ја проценува на повеќе од 200 000 евра, бидејки само вредноста на објектот била 50 000 евра. Сопственикот на објектот Ади Жута вели дека изгорело се, за само дваесет минути.
„Сите крави што ги имав внатре беа од расата Холстајн. Вкупно беа 42 крави и телиња и сите ги снајде истата судбина, како што гледате внатре. Штетата е многу голема затоа што овде имав и систем за автоматско молзење според сите барани стандарди. Оваа несреќа е голема, ова беше инвестиција на моите браќа кои придонесуваа да се изгради оваа фарма, затоа што јас сум ветеринар. Се беше готово за давесет минути“, вели сопственик на објектот, Ади Жута.
Роднината на Жута – Идриз е првиот кој пристигнал на помош.
„Јас пристигнав меѓу првите. Дојдов по скратен пат, а тогаш кога јас дојдов беа само двајца пожарникари со активирано ротационо светло, а другите екипи дојдоа подоцна полека“, вели роднината на Жура, Идриз.
Контактиравме и со противпожарната служба од Струга. Командирот на противпожарната служба Урим Каба вели дека пожарот кај нив бил пријавен во 17. 10 минути од страна на жител од селото Добовјани. Каба додава дека противпожарните екипи веднаш излегле на терен и на лице место стигнале за 15 тина минути. Тој додава дека кога стигнале шталата била целосно опламенета, затоа што доцна бил забележан и пријавен пожарот.
Инспектори од СВР и МВР вршеа увид на местото на несреќата до доцна во ноќта поради обемниот простор за работа. Портпаролот на СВР потенцира дека од увидот се констатирало дека пожарот не бил подметнат, туку дека причина за истиот е запалено срмиште од соседите кое се пренело до објектот. Настанот бил заведен како ненамерен. Од СВР додаваат дека сеуште се прецизира од каде огнот се префрлил на објектот, по што за оние кои го запалиле стрмиштето ќе следи соодветна пријава.
Инаку во пожарот покрај 37 те крави и 5 телиња, уништени се и еден агрегат, затворен систем за производство на млеко, иљадници бали сено и јонџа, три тони сточно брашно, систем за пиење вода и апарати за чување на храна.
{loadposition content9}