Националниот ИКОМОС ќе ги мониторира Охрид и Кокино
Министерството за култура ја одобрило Програмата на националниот комитет на меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС Македонија) за 2012 година, во која е планирано мониторирање на светското наследство во охридскиот регион и Кокино.
Министерството за култура ја одобрило Програмата на националниот комитет на меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС Македонија) за 2012 година, во која е планирано мониторирање на светското наследство во охридскиот регион и Кокино.
– Задоволство е што го добивме како проект мониторингот на нашето светско наследство – Охрид и регионот и Кокино, кој е на тентативната (привремена) листа на УНЕСКО и со номинација за светско наследство. Тоа значи дека со тим од стручни лица ќе се изврши преглед и ќе се увиди состојбата на културното наследство. На пример, со Охрид имаме многу објекти. Ќе се дадат препораки во која насока да се движат интервенциите – изјави Зоран Павлов, претседател на националниот комитет на ИКОМОС.
Според него, градското јадро на Охрид е загрозено пред се од урбанизацијата и од неизнаоѓање начин барем тоа да се заштити.
– Охрид и тоа како е загрозен, особено со последните измени на ДУП-от за централното градско подрачје на Охрид, кое е заштитено со посебен закон, со Конвенцијата на УНЕСКО и со ред други акти. Но, мониторингот нема да биде сконцентриран само на градот Охрид, туку ќе биде проширен и на териториите на општините Дебарца и Струга – рече Павлов.
Тој информираше дека извештајот за Кокино, кој е на тентативната листа на УНЕСКО, во март ќе биде разгледан од телата на меѓународниот ИКОМОС, а потоа ќе биде доставен до Комитетот на УНЕСКО за светско наследство.
– Ако биде се во ред, некаде на лето ќе биде на дневен ред на Комитетот – рече Павлов.
Од Министерството за култура ИКОМОС Македонија годинава е поддржан за тековните активности – добил средства за годишна котизација што ја плаќа кон Меѓународниот ИКОМОС и за одбележување на 18 Април – Светскиот ден на светското наследство.