Дел од дуќаните во чаршија ќе се надградуваат
Кај загрижената јавност се повеќе се подгрева стравот дека доколку оваа информација е точна градот е на пат да ја изгуби душата на старата охридска чаршија.
Деновиве, помеѓу охриѓани повторно станува актуелна веста дека дуќаните во охридската чаршија ќе се надградуваат. Кај загрижената јавноста се повеќе се подгрева стравот дека доколку оваа информација е точна градот е на пат да ја изгуби душата на старата охридска чаршија.
За да дознаеме колку вистина има во колуарските кажувања се обративме до секторот за урбанизам и просторно планирање и до охридскиот Завод и Музеј. Портпаролот на Локалната самоуправа Симон Илиески кажува дека постапката за доградбите на дуќаните е во завршна фаза. Се чека само крајниот збор на Министерството за транспорт и врски. Деталното урбанистичко решение за измена на дел од охридската чаршија во форма на нацрт верзија е веќе пред службите на ресорното министерство. Претходно биле обезбедени сите согласноти од државните институции, урбанистичките решенија поминале пред советниците и на јавна анкета, укажува Илиески.
„Треба да се почека конечната верзија на урбанистичките решенија.Неблагодарно е да се прогнозира, има забелешки кои ќе бидат прифатени или вгрдаени, а некои предлози на сопственците нема да бидат прифатени. Сопствениците на објектите понатка ќе ја бараат документацијата од двете Министерства, од транспорт и врски и од култура, напоменува Илиекси.
Од охридскиот Завод и Музеј информираат дека изработиле заштитни конзерваторски основи за доградување на дел од дуќани во охридската чаршија. Директорката Тања Паскали Бунташеска во краткиот телефонски разговор потврди дека ќе се доградуваат дуќани во централниот дел од чаршијата, но во моментот на нашето интересирање не можеше да прецизира колку дуќани ќе претрпат измени.
„Дозволени се само мали измени, скоро се е останато во постојан состојба, уверува директорката. Дуќаните имаат и сега доволно катна висина, но разликата ќе е многу мала, нема да има спратови туку само еден метар до добивање на нормални спратни висини“, објаснува Паскали Бунташеска.
На нашето прашање, нема ли ваквите доградби на дуќаните да го нарушат препознатливиот изглед на градот со охридската чаршија, директорката Паскали Бунташеска одговара со негација. Според неа доградбите нема да влијаат врз изгледот на чаршијата. Нити, портпаролот на Локалната самоуправа, Илиески не гледа спорни моменти. Изготвувањето на деталните урбанистички решенија за чаршијата било подолготраен процес во кој се испочитувале и Законот за старото градско јадро и остантите важечки закони.