Туристичките агенции од Охрид лути на Локалната
Последниот саем за туризам кој се одржа во Белград извади на виделина проблем кој подолго време се провлекува.
Туристичките агенции од Охрид лути на Локалната. Поголемиот дел од нивните сопственици тврдат дека таа има селективен однос и дека за некои е мајка а за други маќеа. Ваквата реакција е резултат на тоа што за учество на саемот во Белград кој се одржа неодамна од Секторот за локален економски развој не добиле никаква покана. Од десеттината локални агенции кои работат во Охрид, официјално била поканета само една.
Филип Стефаноски, регионалниот директор на Т.А. „Летс травел“ вели дека покана од официјални лица кои работат во туристичката бранша и од Локалната самоуправа не добиле. Тој додава дека Македонија, а посебно Охрид треба подобро да се испромовираат. Стефаноски смета дека саемите, а особено овој во Белград се многу значајни за развојот на туризмот во Охрид. Тој објаснува дека на вакви големи туристички збиднувања мора да се настапи организирано, а не стихијно како што беше случај овојпат. Туристичките агенции како една многу важна алка во синџирот наречен туристичко стопанство никако не смеат да се заборават и изостават, потенцираат нивните сопственици.
Гоце Симоновски, раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој пак со свое објаснување. Тој кажува дека оваа година тие не биле организатори на штандот во Белград туку дека тоа било во рацете на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот. Симоновски вели дека ги поканиле сите агенции кои биле регистрирани на нивниот листинг. Тој признава дека можеби некоја агенција ја изоставиле меѓутоа тоа не е направено намерно. Симоновски вели: “Кој работи тој и греши“
Од туристичките агенции се надеваат дека вакви намерни или ненамерни пропусти во иднина нема да се случуваат. Тие очекуваат официјална покана од Локалната за саемот кој пролетва треба да се одржи во Будва. Симоноски вели дека тие не прават селекција. Се трудат сите агенции да добијат ист третман при што ги повикуваат доколку не се на листингот да достават адреса. Тој гарантира дека во иднина ќе бидат уредно поканети.
{loadposition content9}