Ревија на облека и модни додатоци од најлон кеси
Облека и модни додатоци прикажани на детска модна ревија.
Шаренило од здолништа, корсети, шешири, вратоврски и торбички изработени од најлонски кеси беа прикажани на несекојдневна модна ревија во ОУ„Братство Единство“. Учениците од неколку шести и седми одделенија, по повод Денот на жената 8-ми март, пред своите другари и наставници покажаа што умеат да изработат со нивните вешти раце. Малите модни креатори беа и манекени и водители, возбудени и задоволни од модното случување во нивното училиште.
Учениците својата креативност ја изразиле на часовите по изборниот предмет “Вештини за живеење“ од областа облека и мода. Идејата потекнала од учениците, а реализацијата се одвивала под инструкции на проф. Елизабета Здравеска. Професорката укажува дека е презадоволна од ангажираноста на учениците. Тие покажаа дека не само што се креативни и вредни туку се и вешти во изработката на облека и модни додатоци.
„Сакавме да покажеме дека со многу малку материјал и со малку повеќе труд може да се направат практични модни додатоци. Нашиот град е туристичко место и во летната сезона децата можат со малку пари да имаат интересни торби и шеширчиња кои можат вистински да се носат,“ вели Здравеска за необичниот моден настан.
Модната презентација на облека и модни додатоци е продолжение на останатите научени вештини од предметот Вештини за живеење. Учениците претходно презентирале вкусни јадења кои научиле да ги подготвуваат сами. Стекнувале вештини и знаења од областите на безбедноста и заштитата и од потрошувачкото општество.
{loadposition content9}