Бесплатен ПАП тест, ама кога?
Кампањата за бесплатни ПАП тестови, на само недела дена пред старт во ќорсокак.
Наскоро започнува кампањата за спроведување на бесплатни ПАП тестови. Имено, со оваа кампања, во текот на наредните три години треба да бидат опфатени сите жени на возраст од 24 до 60 години. Главни имплементатори се Министерството за здравство, Центрите за јавно здравје од земјава и секако матичните гинеколози. Др.Слободанка Коцева од Центарот за јавно здравје од Охрид, вели дека сите 11 матични гинеколози на подрачјето на Охрид Струга и Дебар се уредно поканети.
„Тие се должни со оваа покана да ги обавестат нивните пациентки на возраст од 24-35 години, да направат ПАП тест во овој период“ вели доктор Коцева.
Но и покрај амбициозната најава за старт на оваа кампања од страна на Министерството, сепак теренот за нејзина реализација, ни оддалеку не е подготвен.
И покрај информацијата од Центарот за јавно здравје дека матичните гинеколози од регионов се уредно информирани за почетокот на кампањата, повеќето од нив не информираа дека досега не добиле никаква официјална информација од надлежните институции за нејзиниот почеток.
Но не е ова единствениот проблем со кој оваа кампања ќе се соочи предупредуваат Матичните гинеколози. Се поставува прешање, како ќе бидат известени оние пациенти кои немаат избрано свој матичен гинеколог, проблем за кој се свесни и од Центарот за Јавно здравје од Охрид. Паралелно со ова Министерството за здравство почнува и кампања за информирање на сите жени да изберат матичен гинеколог, со што се надеваат да го решат проблемот што во Македонија има доста жени кои немаат избрано матичен гинеколог, а од друга страна има гинеколози кои ги имаат избрано за матични поголем број жени. Но дискутабилно е колку е можно да се воспостави баланс со бројот на пациенти кај матичните гинеколози, кога на крај изборот го прават пациентите.Преку Програмата за рано откривање на малигни заболувања, секоја жена од оваа целна група има право на еден бесплатен ПАП-тест на секои три години, што впрочем е препорака и практика во европските земји. ПАП-тестовите ќе се анализираат во сите овластени цитолошки лаборатории кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување.
{loadposition content9}