Авионска несреќа во Сибир – 14 преживеани
Руски авион со 43 патници и членови на екипажот се урна денеска (02.04) во Сибир. Во несреќата загинале најмалку 29 луѓе, а 14 се спасени живи.
Рускиот патнички авион од типот АТР 72 се урнал набргу по полетувањето, на околу 30 километри од градот Тјумен, во западен Сибир. Телата на 29 луѓе се пронајдени. 14 луѓе се живи, но тие се повредени и се евакуирани од местото на несреќата со хеликоптер, соопшти руското министерство за вонредни состојби.
Авионот со кој оперирала руската авиокомпанија Утаир полетал од аеродромот Рошино во близина на градот Тјумен и се упатил кон Сургут, исто така во Сибир, изјави портпаролка на министерството. Според руските новински агенции, авионот исчезнал од радарите кусо по полетувањето и потоа се урнал на околу 40 километри оддалеченост од аеродромот. Засега нема информации за причините за несреќата.
Руската авиоиндустрија постојано е соочена со несреќи на застарени авиони. Посебно леталата од типот Тупољев, кои потекнуваат од советската ера, имаат особено слаб безбедносен биланс.
Аналитичарите велат дека несреќите за жал можат да се предвидат, со оглед дека некои индустрии во Русија никогаш не заздравеа од колапсот на Советскиот Сојуз и на многу авиони и бродови им е одминат или им се ближи крајот на „животниот век“.
{loadposition content9}