Кој треба да се грижи за лифтот во вашата зграда?
Голем дел од зградите во Охрид имаат нефункционални лифтови.
Некаде функционираат, а некаде не. Лифтовите во Охридските згради може да ви бидат или најдобар пријател или најголем кошмар. Сето тоа зависи од редовноста со која тој лифт се одржува. А кој да плаќа за негово одржување ако не станарите кои секојдневно го користат. Охрид за среќа или за жал е туристички град во кој голем дел од становите немаат домашни сопственици. Тука се создава голем проблем за заедницата на станари која според Законот за домување треба да ја има секоја зграда.
„Сега функционираме, барем досега додека не беше донесен законот, на повик, кога ќе имаше некој дефект тие доаѓаа и го отстрануваа. Проблемот како и секогаш како и во повеќе згради во Охрид се парите. Значи треба да се собираат доволно средства, да се плаќаат сметки за струја и посебно договор за одржување на лифтот, а сега треба да се потпише тоа. Сега тука имаме малку повеќе проблеми околу собирањето на средствата.“-вели Илија Магденоски-Претседател на заедница на станари.
Ретко кој малку подлабоко размислувал за лифтовите. Најчесто за нив размислуваме кога не сакаат да не однесат до нашиот стан затоа што се надвор од функција. Доколку оние редовни прегледи на нивната техничка исправност покажале некаков недостаток, а тој не е отстранет, тогаш на дело пристапува Државниот инспекторат за техничка инспекција.
„Секогаш имателот по извршениот технички преглед на лифтот должен е да однесе технички извештај кој што му е даден од страна на независното правно лице до Државен инспекторат за техничка инспекција како доказ дека е извршен преглед на тој лифт.“-рече Дејан Стојковски-Раководител на одделение за акредитација на инспекциски тела.
Според последните измени на Законот за домување, заедницата на станари е должна да склучи договор со акредитирана фирма за одржување на лифтови. Оваа фирма ќе се грижи за редовното одржување на лифтот, додека еднаш годишно, трет независен акредитиран правен субјект треба да изврши годишен преглед на лифтот. Инаку од 1 Јануари, сите лифтови во земјава мора да исполнуваат и дополнителни стандарди како заштитни врати, телефонски линии, покажувачи на катови и слично.
{loadposition content9}