Жителите на Воска се гушат во прав
Нема крај за проблемите на жителите од улицата Ариф Мустафа.
Дел од Охрид и во 21 век нема улично осветлување. Покрај овој проблем, жителите од улицата Ариф Мустафа се жалат и дека секојдневно се соочуват и со низа други проблеми.
„Осветлување нема, асфалт нема, а најлошо е што канализацијава не е како што треба и наместо да оди надолу таа се враќа назад и прави проблеми во куќиве. Исто е и кај мене. Штом заврни дожд, фекалии извираат во нашиве дворови. Сме се пожалиле во локалната, направив и список и го поднесовме ама сеуште немаме одговор“, вели жител на ул. Ариф Мустафа, Злате Велоски.
Велоски уште прашува зошто локалната не смогна сили и не ја доасфалтира улицата, затоа што поради 300 метри тие секојдневно или се гушат во прашина или пак, газат кал.
Советникот Кујтим Усеини кој беше главен иницијатор за градењето на коритото на реката Грашница, признава дека со градењето на коритото на реката пред две години не се решија сите проблеми на жителите од овој дел на Охрид.
„Има каналиација, но малку е повисока и имаат луѓето проблеми. Разговарав со градоначалникот и службите во локалната и тие ветуваат дека ќе се направи нова канализација, но и дека ќе се поврзе уличното осветлување. Ми ветија дека сето ова ќе го направат за 15 до 20 дена. Асфалтот ќе се прави некаде до 15 мај. Како што ми е ветено така и ви кажувам. Тврдам дека тоа што сум го ветил тоа сум го и реализирал“, вели советникот Кујтим Усеини.
Да се надевеме дека и овие ветувања на Усеини ќе се реализираат и дека навистина како и што кажа свеченото пуштање во употреба на улицата ќе биде пред почетокот на летната сезона, затоа што и во овој дел на Охрид се сместуваат многу туристи.
{loadposition content9}