Здравиот живот чини многу пари
Здравјето е многу повеќе од добар здравствен систем во една држава. Граѓаните знаат што се здрава храна и здрави животни навики, но дали здравото е ефтино, е тоа е веќе друга приказна.
„Живејте здраво“, „хранете се здраво“, „бидете физички активни“, „живејте квалитетно“, ова се само некои од максимите кои се однесуваат на претстојниот светски ден на здравјето. Но се поставува прашањето, КАКО? Здравјето не е само добар здравствен систем. За здрав живот потребна е здрава храна, вода, здрави животни навики, потребен е чист воздух. Но, почитувани, да не се лажеме, се тоа чини пари и тоа многу пари.
Доколку би се одлучил здраво да живеам, за почеток како македонец ќе ми треба ориз и многу леб, ама само интегрален, демек тој е здрав. Потоа ќе ми треба доста зеленчук и тоа брокула, спанаќ, цвекло,морков, по некоја маслинка, зошто знаеме, зеленчукот треба да се конзумира 5 пати во денот. Сигурно дека ќе треба да се олеснам околу 2000 денари месечно, само за зеленчуков, а уште до месото не сме ни стигнале.
Не сум многу по овошјето, ама околу 500 денари и тоа ќе ми лапне.
Е сега доаѓа интересниот дел. Минимум еднаш неделно треба да се јаде свежа риба. Ако не сте по рибешкото ставете на мени телешко и пилешко.
Млечни производи, задолжително секој ден и тоа од оние со пробиотски култури и пониско ниво на масленост, а тие, нормално се и поскапи. Во случај да сум промашил да внесам нешто од хранливите материи, ќе го надополнам со по некој мултивитамин. Ама и тие да не ти биле ефтини. Многу сум нервозен да одам на Јога, ама да се разлупам по направите во некоја теретана, тоа може. Арно ама и таквиот лајфстајл чини пари.
Не дај боже да добијам желба, па онака поради превенција да тркнам до лекар, чисто онака да си проверам, крв, трихлицериди, холестерол, шеќер, но тука министерството за здравство ми ги помати сметките најавувајќи поскапување на ваквите тестови.
Ќе заборавев да спомнам, дека за здравје потребни се и 8 часа сон. Но откако направив мала екскурзија низ пазарот, продавниците за здрава храна и аптеките прибирајќи податоци, тешко дека мирно ќе заспијам.
Кога си пресметав само колкавав дел од мојата плата ќе замине на здравата храна, здравите навики и контрола на здравјето, искрено, се разболев.
Почитувани, од здравите животни навики, единствено воздухот и прошетките нема да ве чинат апсолутно ништо.
{loadposition content9}