Крпа и пченка или лежалка и нескафе
Охридските плажи се враќаат во минатото
Враќање во минатото. Се сеќавате ли кога лежевме и се сончавме на охридските плажи на крпи а не на лежалки, а за да ја поставиме крпата претходно требаше да подзачистиме затоа што плажата не се гледаше од шутот и тревата која се наоѓаше на неа. Се сеќавате ли на чичковците кои ви застануваа над глава нудејќи ви топли пченки. А се сеќавате ли дека кога ќе се искапевме во езерото, а водата беше матна и со реси поради бранот чекавме да се пуштат прскалките на блискиот тревник за да се истушираме. Е по се изгледа охриѓани и гостите ова лето ќе уживаат во една ваква плажарска идила. Поради тоа што Министерството за транспорт и врски при распишувањето на јавниот повик за издавање на плажите под концесија наметна неприфатливи услови на повикот кој заврши вчера не се пријави ниту еден од досегашните концесионери кои стопанисуваа со плажите на потегот од Метропол до Елешец.ТВМ дознава дека единствено аплицирале досегашните концесионери на плажата Потпеш, Кадмо, Куба либре и Бела виста.
Од министерството велат, ако некоја од плажите остане без концесионер, ќе се отстрани урбаната опрема и граѓаните слободно ќе можат да ја користат. Љупчо Нечкоски, поранешен концесионер на плажата Акапулко вели дека на ваков начин на плажите за 24 часа ќе се направи невиден хаос поради сметот што ќе се создаде.
Некои граѓани можеби ќе се израдуваат поради тоа што ќе можат непречено да се печат на летното сонце на која што сакаат плажа, но има и такви на кои ќе им недостасуваат убаво уредените плажи. Особено тоа ќе е случај со гостите кои години наназад доаѓале на некоја од плажите па дури и сместување барале блиску до неа за да можад да уживаат во нејзините убавини. Доколку плажите останат без стопан ќе се јави уште еден проблем. Досега јавното претпријатие Комуналец мака мачеше со ѓубрето на плажите кои не беа под концесија, а сега нивната работа ќе се зголеми повеќекратно. Ќе мора да се справуваат со сметот и од плжите кои ќе останат без концесионер.
{loadposition content9}