Јагнешко печење и етно сувенири за Велигден
Неколку илјади странски и домашни гости го дочекаа Велигден и продолжениот викенд во Охрид.
Неколку илјади странски и домашни гости го дочекаа Велигден и продолжениот викенд во Охрид. Иако беа очекувани околу 6000 гости, врнежливото време го преполови нивниот број, велат туристичките менаџери. Сепак, во Охрид допатуваа гости од соседните земји Бугарија, Србија, Грција, Албанија и Турција, а во помал број имаше и посетители од западноевропските земји. Најбројни беа домашните гости, и тоа оние што во градот поседуваат свои викенд станови и куќи за одмор.
Врнежливото време, не дозволи гостите да уживаат во прошетките со брод по езерото, но затоа не изостанаа посетите на Самоиловата тврдина, Плаошник, познатите историски локалитети и цркви. Многу од нив се прошетаа по Охридската чаршија и купија по некој сувенир. Нивниот интерес е насочен кон оргиналните етно предмети. Гостите од посетата на Охрид најчесто сакаат да понесат дома автентични сувенири. Од етно продавницата во срцето на старата чаршија покрај сувенирите се трудат на гостите кои шетаат тука да им ја презентираат македонската изворна музика и да вкусат еколошки мед. Во Охрид доаѓаат пребирливи гости со вкус и секој според својот интерес ќе се пронајде во етно-еколопшкото катче, вели сопственичката на продавницата Благородна Јосифоска Одех. Според неа најбарани се ткаените торби во различна големина и оргиналните кукли во народни носии. „Во изминативе осум години наша идеја беше да ја збогатиме туристичката понуда во Чаршијата и ми се чини дека успеавме во тоа. Понудивме оргинални сувенири изработени од текстил, дрво и глина кои се најблиски до нашите оргинални предмети за домаќинство и облека. Се трудиме секој сувенир да биде оргинален, со везовите и боите, како и тоа сувенирите да имаат употребна и естетска вредност“.
И охридските кафулиња деновиве беа преполни со гости, но и рестораните каде што туристите уживаа во храната и бројните традиционални специјалитети. Шефот на кујна на ресторан „Св. Софија“, Димче Јованоски, вели дека за време на постот биле барани рибните и морските специјалитети, а за време на Велигден јагнешкото печење. Странците, пак се најљубопитни да вкусат традиционална храна.
„Странците сакаат да ги пробаат специјалитетите како што се сарма од винова лоза, тавче гравче или полнети пиперки. Барани се разните печења и специјалитетите од печурки“, нагласува Јованоски.
По Велигден, за помалку од две недели, следуваат Првомајските празници и чартер летот од Холандија со првите гости за летната сезона 2012. Тогаш се очекуваат и повеќе странски и домашни гости. За туристичките менаџери репер за успешна престојна сезона е токму овој период.
{loadposition content9}