Ќе има ли Еуро 2012
Затворските услови за поранешната премиерка Јулија Тимошенко на Западот предизвикуваат негодување. Дури и спортскиот бојкот повеќе не е табу тема.
Германските политичари го зголемуваат притисокот врз официјален Киев поради информациите околку затворските услови на кои е изложена поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко. Министерот за животна средина Норберт Ретген е првиот член од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел кој истакна дека е против тоа политичарите да присуствуваат на фудбалските натпревари во Украина. „Безусловно би морало да се спречи, украинскиот режим да го користи првенството за потврда на својата диктатура“, изјави Ретген за весникот „Билд“ и дополни „Затоа сметам дека посетата на министрите на Европското првенство, не доаѓа в предвид во сегашните околности“. Тој побара од украинската влада веднаш да ја ослободи од затвор Тимошенко.
„И спортистите не треба да се неутрални“
Државниот секретар за развојна помош Гудрун Коп повика дури и на спортски бојкот на Европското првенство во Украина. „Јас пледирам за премествување на натпреварите“, изјави парламентарната државна секратарка во Министерството за развојна помош за весникот „Вестфален блат“. Би требало да се испита можноста, дали сите натпревари можат да бидат одиграни во Полска, или во Полска и некоја друга земја, смета Коп. „Оној кој перманентно ги повредува човековите права, мора да живее со последиците“, појаснува Коп. Исто така и спортистите не треба да бидат неутрални. Владата, Бундестагот, спортистите и спортските функционери мораат заеднички „да се спротистават против ваквите повреди на човековите права“, подвлекува Коп.
{loadposition content9}