Започна проектот „Охрид град на цвеќето“
350 нови жардињери со цвеќиња ќе ги разубавуваат институциите и приватните куќи во центарот на градот.
Охрид несомнено ќе биде град на цвеќето. За тоа ќе се погрижи јавното претпријатие „Охридски комуналец“ во чии раце е спроведувањето на проектот кој носи наслов „Охрид град на цвеќето-2012“.Трајан Љаткоски, раководител на „Паркови и зеленило“ смета дека помина времето кога туристите се воодушевуваа само од културно-историските споменици, туку дека се повеќе тие застануваат и се сликаат пред зеленилото и цвеќињата во Охрид.
„Оваа година ЈП Охридски комуналец се одлучи Охрид, 2012та да биде град на цвеќето. Тоа значи дека покрај тие 300 жардињери што ги доделивме, ЈП Охридски комуналец ќе додели уште 350 жардињери кој што проект ние го имаме осмислено како еден вид на разубавување на куќи, приватни куќи, но и на институции кои што се значајни за Охрид и репрезентативни за туристите за кои знаеме дека нивните фотоапарати се насочени токму таму.“-вели Трајан Љаткоски-Раководител на „Паркови и зеленило“.
Од значајните институции во градов, најверојатно ќе бидат разубавени Куќата на Робевци и неколку музеи, како и влезот и просториите на фестивалот Охридско лето. Покрај институциите, Охридски комуналец ќе разубавува и приватни куќи.
„Излегуваме на терен, ги одбираме објектите нормално во соработка со сопствениците, ако се согласуваат, ако не тоа е одлука на сопствениците. Разговараме што и како ќе се уреди, со какво цвеќе, понатаму добиваат од нас стручни совети за наводнување, за прихрана се со цел тоа цвеќе да има максимален ефект.“-додава Љаткоски.
Спроведувањето на проектот започнува од денеска, а ќе се уредуваат куќите и терасите во стариот дел од градот, но и на булеварот „Туристичка“, улиците „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, и „Јане Сандански“.
{loadposition content9}