Музичaри од целиот свет на натпреварот „Охридски бисери“
Околу 118 учесници од повеќе земји од светот го демонстрираа својот талент, и чувство за музика.
Натпреварот на млади музичари „Охридски бисери“ се ближи кон прекрасно финале. Изминативе неколку дена во импозантниот концертен простор на црквата Света Софија, повеќе од 118 млади музичари од најразлични земји, ги демонстрираа својот талент и музичка умешност. „Охридски бисери“ се одржува по единаесетти пат, а од организациониот одбор се задоволни од досега прикажаното.
„Па можам да кажам дека од разговорот со жирито оваа година има еден навистина висок квалитет поготово во А и Ц категорија каде се кршеа копјата кој ќе ја добие првата награда. Би кажал исто и дека има многу квалитетно жири, како виолинско така и пијано. Од виолина би ги издвоил Доминик Крофт од Лондон, Снежана Пановска од Малезија, Јуриј Клод од Украина, Ласен Тодоров од Америка и Илија Радосавов од Бугарија. Така да еден висок квалитет, многу познати и вредни музички педагози.“-рече Ѓорѓи Улишев-Претседател на Музички и балетски педагози на Македонија.
Со оглед на реномето на учесниците, но пред се стучното жири задолжено за оценувањето, од организациониот одбор велат дека секоја наредна година се обидуваат да ја направат најквалитетната можна програма.
„За лесно не е лесно, само мора да се сака. Ако се сака, се може да се постигне. Јас и мојот тим кои работиме во тој организационен одбор, преку цела година работиме на тоа да анимираме што повеќе учесници, преку веб страната, преку фејсбук итн. Преку изготвување на квалитетни програми. Програмата за овој натпревар е рамна на натпревари како што се „Чајковски“ од Москва, како што е „Концертино“ од Прага или „Георги Јонеску“ од Романија.“-додава Улишев.
Инаку натпреварот „Охридски бисери“ е поделен на четири категории, А, Б, Ц и Д односно учесници од основно, средно музичко училиште и факултет за музичка уметност, како и една стимулативна категорија во која се негува младиот потенцијал. На овој натпревар, учество земаат натпреварувачи од сите поранешни југословенски републики, потоа од Албанија, Романија, Бугарија, Литванија, Русија, Украина, Полска и Америка.
{loadposition content9}