Започна уривањето на дивоградбата „ИВИРЕ“ во Трпејца
Градежниот инспекторат започна со уривањето на дивоградбата „ИВИРЕ“ во Трпејца.
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам при министретвото за транспорт и врски започна со уривање на дивоградбата „ИВИРЕ“ во Трпејца. Само десеттина дена одкако ресорното министерство и ги одзеде ингеренциите од локалната самоуправа за овој објект, механизацијата претпладнево излезе на терен и ја започна акцијата. Се уриваше објектот кој е комплетно е дивоградба, а што се однесува до објектот кој е делумно дивоградба најверојатно ќе се урива утре.
Жителите од Трпејца задоволни што конечно во Македонија започнаа да се спроведуваат законските прописи и она што локалната досега го одложуваше од за нив непознати причини, конечно се случува.
„Многу позитивно сме изненадени што денеска се случи она што го баравме цела година. Дивоградбата требаше да се руши уште минатата година. За тоа е виновна локалната самоуправа. Тие решението го чуваа во фиока шест,седум,осум месеци. Откако дознавме каде е решението и откако го најдовме започнавме ваква иницијатива“,вели Ристо Климоски, жител на Трпејца.
И претседателот на црковниот одбор во Трпејца Пере Ангеловски задоволен што некој ја слушна нивната мака. Тој посебно е горд што светото место за Трпејчани е повторно слободно, а не узурпирано.
„Како што повеќе пати излеговме пред медиумите и го искажавме нашето барање, а тоа беше спроведување на законските одредби и решението донесено на 14.11 2011 год. Односно да се сруши дивоградбата изградена на светото место за жителите на село Трпејца и местото да биде ослободено и понатака за да може да одржуваме верски одредби“, вели Пере Ангеловски, претседател на црковен одбор, Трпејца.
Сопственикот на „ИВИРЕ“ Сребре Петрески уште на 14.11 минатата година добил решение за рушење дивоградбата. Откако не го срушил објектот на 15.07. 2011 год доби заклучок за извршување на решението во кое јасно било наведено дека жалба не го одлага рушењето.
Портпаролот на министерството за транспорт и врски, Драган Симоноски ни кажаа дека денеска градежниот инспекторат започна со спроведување во целост на решението донесено од општина Охрид. Тој потенцираше дека се постапува согласно сите документи и законските прописи и додава дека се урива се, што е спротивно на законот и е градено по донесувањето на законот за легализација.
Случајот на непочитување на решението и заклучокот за рушење на градежниот инспекторат од страна на општината покажа каков е односот на локалната самоуправа кога станува збор за дивоградбите и владението на правото. Случувањата околу дивоградбата „ИВИРЕ“ Во Трпејца два месеци ја окупираа јавноста. Министертвото за транспорт и врски денес стави завршница, но останува отворено прашањето на кое Трпејчани низ низа пресови и протести бараа одговор: Зошто локалната самоуправа толку многу се трудеше да се одложи постапувањето по решение за уривање кое самата го донела. Тоа остави простор за сомнеж дека локалците повеќе го гледаат интересот на поединци отколку на месното население кое бараше спроведување на правото. За крај може да се разбере револтот на сопственикот затоа што станува збор за изгубена инвестиција од околу 200 000 евра вложени во дивоградба, но сепак законот треба да се спроведува, а од некаде треба да се почне.
{loadposition content9}