Македонија без најдобриот стрелец на Летните олимписки игри во Лондон
Стрелачките клубови од Кавадарци, Охрид и Прилеп денес на координација протестираа против ваквата одлука.
Скандал ја тресе стрелачката федерација на Македонија. На летните олимписки игри кои на крајот од месецов започнуваат во Лондон, Македонија ќе оди без најдобриот стрелец во женска конкуренција. Надица Апостоловска која се натпреварува во дисциплината 10 метри со воздушна пушка, за жал останува дома. Инаку, првичната одлука на стручниот штаб на федерацијата, донесена на 9 Март 2012 година, била Надица да патува на олимписките игри. Оваа одлука била потврдена и следниот ден на состанокот на извршниот одбор, но до 12 Март, односно денот кога истекува рокот за пријавување на натпреварувачите, не била поднесена апликација за учество на Апостоловска.
Нејзиниот тренер, Благој Пешиќ, инаку татко на Дивна Пешиќ, уште едно големо име во овој спорт, смета дека според остварените резултати, Апостоловска морало да биде пријавена за олимписките игри.
„Имаше шест официјални натпревари и ниту еднаш немаше резултат под 390 круга. Имаше 390, 392, 393, 394 круга од можни 400. Така да ние имавме стрелец кој ако беше пријавен на последните три светски купа можеше да погоди резултат и да ја освои вистинската олимписка норма.“-вели тренерот на Апостоловска, Благој Пешиќ.
Трајче Дамески, член на стручниот штаб на стрелачката федерација на Македонија, смета дека редовно во овој спорт наместо најдобрите, се испраќаат стрелци кои имаат втор, трет, па дури и петти резултат. Дамески за одговорни ги смета претседателот и селекторот на стрелачката федерација на Македонија.
„Најдобриот стрелец во Македонија, Надица Апостоловска, во последните две години, за жал нема да патува на Летните олимписки игри во Лондон од каприц повторно на двајца луѓе и покрај тоа што стручниот штаб укажа дека таа е кандидат број еден. Потоа самиот Управен одбор донесол одлука 5 спрема 3 гласа дека таа треба да патува и сега тие двајца луѓе си носат одлука дека селекторот треба сам да одлучи кој ќе патува за Лондон. Ако едно тело кое официјално е највисоко во стрелачката федерација, а тоа е стручниот штаб, го именувате тој да одлучи, а некој му ја негира таа одлука, јас мислам дека повеќе не треба да зборувам за самото раководство на федерацијата.“-рече членот на стручниот штаб на стрелачката федерација на Македонија, Трајче Дамески.
Адвокатот на Надица Апостоловска и стрелачкиот клуб од Кавадарци, Свето Ристески, смета дека постојат основи за сомневање во регуларноста на одлуките на федерацијата.
„Тоа е една од причините поради кои ќе следи кривична пријава. Ќе направиме увид во комплетната документација. Воедно морам да напоменам дека препораките, резолуциите и другите документи кои ги носи Комитетот на министри на Советот на Европа и Парламентарното собрание е дека секогаш на меѓународните натпревари треба да партиципира оној кој е најдобар и дека не смее да се прави дискриминација по никој основ како што според нас се прави во конкретниов случај. Меѓутоа за тоа конкретно очекуваме да се произнесе по наша иницијатива и Уставниот суд на Република Македонија и во секој случај ова е штета и нема да оставиме да остане незабележана.“-изјави адвокатот на Апостоловска, Свето Ристески.
Одлуката да не биде поднесена апликација за учество на Надица Апостоловска на ЛОИ во Лондон, Ристески ја окарактеризира како најголема катастрофа која некогаш била направена во македонскиот спорт.
{loadposition content9}