Фолклорниот фестивал „Александар Македонски“ по седми пат
Бројни учесници од најразлични земји ќе го презентираат својот фолклор и традиции пред охриѓани и туристите.
Годинава по седми пат од 20 до 24 јули ќе се одржи веќе традиционалниот меѓународен фолклорен фестивал „Александар Македонски“. И ова издание на фестивалот во Охрид ќе донесе поголем број на учесници од најразлични земји кои пред охриѓани, но и пред туристите во текот на двете фестивалски вечери ќе ги презентираат своите традиции и фолклор.
„Оваа година имаме специјални гости од Белгија, потоа имаме учесници од Мексико, Хрватска, Србија, Турција, Естонија, Словенија, Литванија и секако од Македонија. Имаме некаде околу 14 учесници на овој фестивал.“-вели директорот на фестивалот, Миленко Андрески.
Иако со помал број учесници од лани, сепак Андрески вели дека и оваа година може да очекуваме одличен фестивал и порача дека сите посетители ќе имаат што да видат. За учесниците пак, покрај двете фестивалски вечери, организирале и слободни активности.
„Гостиве на 20ти Јули пристигнуваат тогаш ги пречекуваме и ги сместуваме во хотелите. На 21ви како прв ден имаме пречек на учесниците, одиме во општината Охрид и заедно со градоначалникот и заменик претседателот на Совет правиме пречек на учесниците. Потоа имаме разгледување на стариот дел на Охрид и вториот ден, 22ри Јули е главната манифестација која се одржува пред Центарот за култура „Григор Прличев“ каде ќе настапат учесниците. Втората фестивалска вечер ќе е на 23ти Јули.“-рече Андрески.
Андрески најави дека оваа година, како дополнување на програмата на фестивалот ќе има настап и на познати имиња од народната музика како Војо Стојаноски, Јордан Митев и Спасен Силјаноски. Како организатори на фестивалот покрај друштвото за македонско културно наследство „Александар Македонски“, се јавува и КУД „Охриѓанка“ од Охрид.
{loadposition content9}