Концерт за паметење
Македонската филхармонија и пијанистот Андреј Гугнин од Русија, под диригентската палка на маестро Штефан Фрас од Германија, синоќа во предворјето на Св Софија одржаа концерт за паметење.
Македонската филхармонија е еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот, а игра огромна улога во афирмирањето на македонските репродуктивни уметници, диригенти и промовирањето на современото македонско музичко творештво во земјата и странство. Маја Чанаќевиќ, директорката на Филхармонија истакна дека во Охрид се чувствуваат како дома, бидејќи барем еднаш во годината доаѓаат тука да учествуваат во рамките на овој меѓународен фестивал.
„Диригентот работеше веќе четири дена заедно со оркестарот, солистот имавме можност да го видиме вчера, со него малку да се дружиме и да поработиме. Јас веруваме дека и диригентот е презадоволен од оркестарот, од начинот на работа„ вели Чанаќевиќ.
Покрај редовните концертни настапи во земјата, Македонската филхармонија има остварено гостувања во земјите на Јужна Америка, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Полска, поранешниот СССР, Романија, Бугарија, Турција, Италија, Србија, Црна Гора, Султанатот Оман и др. Со оркестарот диригирале голем број на странски и домашни диригенти и настапиле реномирани вокални и инструментaлни солисти.
Синоќешната соработка со диригентот Штефан Фраас и концертот кој се случи, се покажа како полн погодок. Инаку уметничката кариера на маестро Штефан Фраас започнува како Kapellmeister на Vogtland Orchestra Reichenbach, а потоа како диригент и уметнички раководител на Vogtland Philharmonie, како и шеф диригент на Камерниот оркестар Фолкванг од Есен. Реализирал успешни концерти во Европа, Израел, Кина, Мексико, САД. Во 1999 година станува почесен диригент на Кинескиот радио симфониски оркестар. Како гостин диригент настапувал на повеќе светски фестивали, а Во 2008 година, беше назначен за шеф диригент на еден од оркестрите со најбогата традиција во Германија – Камерниот оркестар Kurpfaelzisches од Манхајм.
Солистот на синоќешниот концерт, младиот руски пијанист Андреј Гугнин, за кој критичарите велат дека поседува брилијантна техничка моќ, музичка сензитивност и драматична интерпретација, воодушевен од опкружувањето и соработката со Македонската Филхармонија и диригентот Штефан Фраас.
„Всушност ова е мое прво гостување во Македонија и навистина сум среќен што сум тука бидејќи ова е навистина важен фестивал во светот. А за локацијата мислам дека е навистина уникатна. Мислам оваа стара градба, оваа црква, езерото, се е прекрасно. Оркестарот е навистина добар и вечра имавме проба и се е совршено. А многу ми е мило што ќе настапам под диригентската палка на маестро Фрас, кого за прв пат го среќавам, така да сум имперсиониран од се ова“ кажува Гугнин.
Инаку Андреј Гугнин е добитник на повеќе награди на разни натпреварувања: „Младите музичари на Москва“ (1997), Меѓународниот фестивал за млади пијанисти во Москва (1998), победник на натпреварот „Новите имиња“ во Русија, добитник на наградата Гранд при на Првиот меѓународен натпревар за пијанисти во Саратов (2000), Прва награда на натпреварот Cittâ di Cantù во Италија, Втора награда и две специјални награди на Меѓународниот натпревар „Светислав Станчиќ“ во Хрватска и други. Од 2003 година тој е стипендијант на Фондацијата „Гузик“. Во 2007 година, Гугнин го издаде своето прво ЦД со двата клавирски концерти на Шостакович со Московскиот камерен оркестар и Константин Орбелиан. Настапувал на најпрестижните концертни сцени во Русија, како и низ светот, свирејќи со Националниот московски симфониски оркестар, Московскиот камерен оркестар, Холандскиот национален оркестар, Симфонискиот оркестар на Банког, Хрватскиот радио симфониски оркестар и други.
За љубителите на сериозната музика, вечерашниот термин на „Охридско лето“ е резервиран за уметниците на Европската унија. Во просторот на црквата „СВ.Софија“ концерт ќе одржи светски признаен кипарско-француски пијанист Сиприен Кацарис.
Во сабота во Заливот на коските, Драмскиот театар од Скопје ќе се претстави со драмата Архелаос или Почеток на народите, додека во недела на 22 јули, во Центарот за култура Охрид, академскиот сликат Тања Балаќ ќе ја претстави својата изложба наречена Секеспресија.
{loadposition content9}