Лептокарија и Неа Пори летна шема на охриѓани
Поголем број охриѓани имаат традиција својот годишен одмор да го поминат на некоја странска туристичка дестинација.
Поголем број охриѓани имаат традиција својот годишен одмор да го поминат на некоја странска туристичка дестинација. Најчесто избираат да летуваат на море. Ова лето сепак поголем број од нашите сограѓани ќе останат дома од разни причини.
Нашите сограѓани, пак кои сакаат и можат да си дозволат промена ги избираат поблиските и поефтините туристички дестинации во соседните земји, нагласува Елида Битрак од туристичката агенција „Елида Турс“. Едно просечно 4-рo члено семејство, за апартманско сместување покрај плажа, за 7 дена во Грција со организиран превоз, ќе го чини 400 евра, вели Битрак.
„Особено голем интерес има за апартманските летувањa во Грција, блиска дестинација е, а се нудат голем број попусти примамливи за нашите граѓани. Додека хотелското сместување во Грција, во споредба со другите години, можам да констaтирам дека е намалено“, кажува Битрак.
Охриѓани за летна шема ги избираат Лептокарија, Неа Пори, Закинтос, Крф, Парга и Лефкада во соседна Грција. Интерес има и за познатите летувалишта во Бугарија, за Сончев брег и Албена. Се бара апартманско сместување со организиран превоз и за летувалиштата Валона и Саранда, на Јонско море, во соседна Албанија, а не се заборавени и туристичките центри во Црна Гора и Хрватска. Со убавите плажи и знаменитости атрактивна туристичка одредница се повеќе станува и Северен Кипар. Една од бројните понуди за одмор на турскиот дел од овој остров чини 199 евра во кои се вклучени 11 ноќевања без појадок, со авионски превоз и аеродромски такси, нагласува Битрак од ТА „Елида Турс“.
{loadposition content9}