Граѓаните гневни поради поскапувањето на струјата
Новата цена која граѓаните ќе треба да ја плаќаат за електрична енергија, порасна за скоро десет проценти.
9,83 проценти. Ова е релативната бројка која апсолутно секој граѓанин деновиве ја сонува како најстрашен кошмар. Токму за 9,83 проценти поскап стана најкористениот енергенс во земјава, електричната енергија. Заедно со новото поскапување, како сол на рана дојде и одлуката на Регулаторната комисија да се укине ефтината тарифа, која важеше од 13 до 16 часот секој ден освен недела. Од сега, изгледа ќе си готвиме во доцните вечерни часови. А Септември е толку блиску. Токму во Септември ќе пристигнат и првите сметки по новата цена, а граѓаните, уште сега во шок и неверување. Ги запрашавме од што се чувствуваат попогодени, дали од поскапувањето или од укинувањето на ефтината струја.
„Се, се не погоди. Не тоа што ја скинаа ефтината, и тоа два пати што ја покачија, што не не погоди. Еве сега ги броев париве. Не стигнува ни за сув леб. Како да не не погоди? Ние сме прост народ, молчиме. Да сме малку попаметни. Креваат глава соседите? Креваат. И веднаш стоп! А што прават со нас? Ништо, ништо не прават. Срамота е ова!“
„Па и едното и другото. Како обичен граѓанин и едното и другото ме засега затоа што сум невработен. Ме засега и поскапувањето и она што беше укинато ефтина/скапа струја.“
„Тоа што ја поскапеа секогаш граѓанинот го погодува, на оваа сиромаштија воглавно е тоа. За поефтинувањето не знам како тие го имаат регулирано тоа ама секое поскапување граѓанинот го погодува, и најважно е тоа-да нема поскапување затоа што навистина е неиздржливо.“-рекоа дел од охриѓани.
По најновите поскапувања, не мирува ниту Организацијата на потрошувачи на Македонија. Тие сметаат дека ова поскапување ќе доведе до енергетска сиромаштија на граѓаните и намалување на стандардот. Добиле повеќе преставки од граѓаните по ова прашање, па и самите презеле мерки.
„Упативме барање со предлог-мислење до Народниот правобранител и ќе се реагира да се измени Законот за енергетика. Да има понезависно одлучување оваа регулаторна комисија, да бидат пообјективни, пореални нивните ставови, да се запазат и мислењата на граѓаните. Има социјални групи на граѓани каде што ова поскапување ќе се одрази многу лошо.“-рече претседателот на Организацијата на потрошувачи од Охрид, Вангел Спироски.
Спироски додава дека покрај ова барање тие сметаат и дека Владата треба да преземе мерки за ублажување на последиците од зголемувањето на цената на струјата. И ако некогаш Македонија важеше за држава која плаќа најефтина струја во Европа и на Балканот, сега и тоа веќе не држи вода.
{loadposition content9}