Се е подготвено за почетокот на Охридскиот пливачки маратон
30 пливачи од 12 различни земји меѓу кои и светската маратонска елита, утре ќе ја пливаат антологиската патека „Климе Савин“.
Охридскиот пливачки маратон посилен од сите проблеми. Утре, по 26 ти пат ќе се одржи најреномираната спортска манифестација во земјава. Интересот годинава навистина голем. Вкупно ќе настапат 30 пливачи, 19 во машка, 11 во женска конкуренција, а ќе ги бранат боите на 12 земји од Европа и светот. Сите пливачи се подготвени и физички здрави според зборовите на медицинскиот делегат на ФИНА, Еиде Лубс. Главниот делегат на меѓународната пливачка федерација, Жан-Пол Нарсе, вели претходните два пати кога го посетил Охрид, пристигнал како тренер, на својот пливач, но годинава со нова улога.
„Охридскиот маратон е многу важен за натпреварите на отворени води, затоа што е тоа историски маратон. И тоа е многу важно затоа што за некои луѓе, трките на отворени води се нова дисциплина, но за вас овде тоа е позната работа со години. Мислам дека се е подготвено за да имаме добра трка во недела.“-вели главниот делегат на ФИНА, Жан-Пол Нарсе.
Како што наближуваше годинешново издание на маратонот се понеизвесно беше неговото одржување. За финансиските проблеми со кои се соочуваа организаторите и поради кои висеше во воздух судбината на најпрестижната македонска спортска манифестација, на денешната прес конференција ниту збор. Проблемите биле оставени зад нив.
„Секоја година се сретнуваме со одредени проблеми, за среќа и задоволство и на Охрид и цела Македонија, тие проблеми се надминати како и се во животот. Постојат проблеми од финансиска природа. Добро е што тие проблеми ги оставаме зад нас. Ние секогаш како федерација и организатори гледаме напред.“-рече Јане Карајованов од Пливачката федерација на Македонија.
Заменикот градоначалник, Томислав Тунтев од име на градот посака одличен маратон. Тој рече дека е задоволство што годинава маратонот слави неколку јубилеи како 80 години од основањето на охридскиот пливачки клуб, 60 години од првиот охридски маратон и 20 години од возобновувањето на охридскиот маратон.
„Тоа е една богата историја проткаена со големи успеси, со големи разочарувања, со големи настани, со значајни и помалку значајни работи, меѓутоа една богата историја која во овие денови односно денес и утре всушност Охрид го прави не само на охриѓани туку на цела Македонија, цела Европа и целиот свет.“-изјави Томислав Тунтев-Заменик градоначалник на Охрид.
Сепак и покрај сите проблеми, утре точно напладне на стартот кај „Свети Наум“ ќе ги видиме десеткратниот победник на маратонот Петар Стојчев од Бугарија, како и водечките во генералниот пласман на ФИНА, аргентинецот Дамјан Блаум, заедно со Андреа Волпини од Италија и Трент Гримси од Австралија. Шестчлената македонска експедиција ќе ја предводи третопласираниот минатата година Евгениј Поп Ацев. Охридскиот пливачки маратон е седми од 12-те трки во рамки на „Гран-при 2012“ серијата на Меѓународната пливачка федерација, а се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
{loadposition content9}