Мал јубилеј на Охридскиот хорски фестивал
Годинава по петти пат, дел од најдобрите европски хорови ќе запеат во нашиот град.
Јубилејно издание на Охридскиот хорски фестивал. Оваа веќе реномирана музичка манифестација слави пет години од своето постоење. Од 23-ти па до 27-ми овој месец повеќе од 40 учесници од 16 различни земји ќе настапат во натпреварувачкиот дел. Хоровите ќе ги оценува меѓународно жири, еден хор ќе биде прогласен за најдобар и ќе ја добие гран при наградата. Покрај натпреварувачкиот дел, и во ова издание ќе има ревијални настапи со фолк, поп и вечер на духовна музика.
И годинава неизбежни финансиските проблеми, но директорот на фестивалот, Александар Димовски вели дека и покрај се, повторно можеме да очекуваме вистински хорски празник во Охрид.
„Оваа година има доволен број на хорови, доволен број на пријавени учесници, се направи убав избор и фестивалот ќе се одржи без поголеми проблеми. Со финансиите секогаш имаме проблем, повеќе финансии значат подобар фестивал и тоа е еден вечен проблем. Сите наши желби кои што ги имаме не можат да се реализираат токму заради лимитираните финансии, но основните работи оваа година успешно ќе ги покриеме, благодарение на нашите учесници и на нашите спонзори.“-рече Александар Димовски-Директор на Охридскиот хорски фестивал.
Претседатели на други хорски фестивали, македонски диригенти, како и претставници од Еуропа кантат, односно европската федерација на хорови ќе го следат овој фестивал. Ова само по себе говори за реномето и успехот на фестивалот, но директорот Димовски вели дека тие и понатаму ќе прават се што е во нивни раце за да ја популаризираат оваа специфична музика.
„Ние се надеваме дека ќе ја приближиме хорската музика до поголем број луѓе односно што поголем број луѓе да ја видат. Заради тоа ги осмисливме настапите на отворено. Нашите учесници ќе настапуваат на отворено како сите оние луѓе кои што можеби никогаш не отишле на концерт или нема да дојдат на концерт би виделе хор, би слушнале хор, како звучи тоа. Значи да ја доближиме едноставно таа музика до населението. Се надеваме со тој чекор дека во иднина ќе имаме се поголеми бројки и побројна локална публика.“-вели Димовски.
Концертите започнуваат на 24ти Август во 10 часот наутро во црквата Света Софија, а настапи на отворено ќе има и во старата чаршија и на плоштадот Свети Климент Охридски. Натпреварувачкиот дел ќе се случува во дијамантската сала во хотелот Инекс Горица.
{loadposition content9}