Патниот правец Струга-Калишта конечно почувствува нов, жежок асфалт
Од рано изутринава, екипите на Македонија пат, започнаа со асфалтирање на овој патен правец, кој досега важеше за еден од патиштата во најлоша возна состојба во Струга.
Патниот правец Струга-Калишта конечно добива фејслифтинг. Овој пат, досега важеше за еден од патните правци во најлоша возна состојба во Струга. Од рано изутринава, екипите на Македонија пат, започнаа со асфалтирање на оваа делница за која во минатото, мештаните на Калишта често реагираа.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко задоволен што конечно по седум години на кормилото на Струга, добил позитивен одговор од Агенцијата за патишта за асфалтирање на оваа делница.
„Ние направивме една добра соработка и оваа соработка еве носи плодови, не само денеска, туку и пред два-три месеци кога заедно почнавме со крпење на сите улици и магистрални и регионални во Струга, што се случи за прв пат. Потоа хоризонтално и вертикално означување на улиците и еве ова денеска што беше најбараната работа, патниот правец, Струга-Калишта се прави реалност како што гледате, од 5 часот се почнати вработените на Македонија пат.“-рече градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
Директорот на „Македонија пат“, Гајур Кадриу кој лично го надгледуваше асфалтирањето на овој патен правец, изрази надеж дека за брзо ќе биде завршена санацијата на овој пат. Најави и многу други активности.
„Сите други патни правци кои се во програмата и кои се во планот за реализација, за брзо ќе бидат завршени. Овој патен правец сигурно и на градоначалникот му претставува пречка за развој на овој дел на Струга и струшко. Се надевам дека после овој дел, ќе има и други етапи, значи ова не ќе биде крајот на нашите предвидени програми.“-вели Гајур Кадриу-Директор на „Македонија пат“.
„Асфалтирањето на овој патен правец значи многу не само за движењето на граѓаните во овој дел на Струга, Калишта, Радожда, туку и за сите туристички капацитети на овој потег.“-вели градоначалникот Мерко. Тој додава дека средувањето на струшките улици не завршува тука.
„Ние како локална самоуправа со програмата на советот имаме предвидено уште многу патишта во градот Струга и во руралните средини. Значи се работи за над 500.000 евра кои се предвидени со програма за која е завршен тендерот и истиот ќе започне со изведување на улици од почетокот на Септември.“-рече градоначалникот Мерко.
Инаку екипите на Македонија пат, зафатите ги започнаа од патот за Радожда, кон Струга, а со градењето на оваа делница се заокружува целиот туристички дел на Струга со асфалтен пат.
{loadposition content9}