Српски одбојкарки задоволни од спортските услови што ги нуди Охрид
Женскиот „Одбојкарски клуб 98“ од Лесковац своите спортски подготовки ги привршува во Охрид.
Женскиот „Одбојкарски клуб 98“ од Лесковац своите спортски подготовки ги привршува во Охрид. Оваа млада, надежна екипа се натпреварува во Втората одбојкарска лига во Србија, а нивните амбиции се влез во првата лига. Одбојкарките се за прв пат тука и како што велат не зажалиле што за подготовките го избрале Охрид.
Александра Јовановиќ и Нина Стојановиќ се дел од екипата на „Одбојкарски Клуб 98“ Лесковац и се воодушевени од хотелската услуга и од одличните услови за тренирање. Максимално ги користат спортските терени околу хотелот Метропол, теретаната и езерото.
Подготовките на младите одбојкарки од Лесковац ги предводи тренерот Марјан Николиќ. За развој на одбојката во Србија нагласува дека постојат одлични услови. На одбојката се посветува големо внимание и има огромен интерес и голем број школи, посебно за женската одбојка. Резултатите што Србија е европски првак во машка и женска конкуренција во одбојка не се случајни туку се резултат на напорна работа и труд, напоменува Николиќ. Тренерот Николиќ жали што Охрид нема одбојкарски клуб за да ги одмерат своите сили додека траат нивните подготовки. Тренираат на плажата пред хотел „Метропол“ и во основното училиште „Григор Прличев“. За условите кои Охрид ги нуди на спортистите е презадоволен, но со една забелешка.
„Моја препорака е да се одбележи теренот во спортската сала „Билјанини извори“ за одбојка. На тој начин ќе доаѓаат сериозни спортски екипи и ќе се развие спортскиот туризам во Охрид. Во салата треба да се стават мрежи и антени и се што е потребно за да се игра одбојка, за да може да се организираат одбојкарски турнири и екипите да видат со што се располага Охрид“, укажува Николиќ.
Женскиот „Одбојкарски клуб 98“ од Лесковац подготовките ги завршува во петок. Во сабота ќе гостуваат во Крушево каде што претпладне имаат натпревар со одбојкарките од овој град, а попладне ќе ги одмерат силите со најдобрата одбојкарска екипа во Македонија, „Форца Волеј“ од Скопје.
{loadposition content9}