Заврши проектот-Жените преминуваат граници за промени, следат анализите
Овој проект кој се реализираше како прекугранична соработка помеѓу Струга и Поградец траеше една година, а за негово спроведување се погрижи Локалната агенција за развој од Струга.
Градовите Струга и Поградец си подадоа рака и заеднички пристапија кон решавање на проблемот околу вработувањето на жените од овој регион. Користејќи ги европските средства од ИПА програмaта на Европската Унија, оваа иницијатива во пракса ја спроведе Локалната агенција за развој од Струга. Катерина Василеска од Локалната агенција за развој вели дека овој проект „Жените преминуваат граници за промени“ ги доведе жените од Струга и Поградец на едно место, со заедничка цел.
„Проектот се имплементираше од Април 2011 до Април 2012 година. Проектот се викаше „Жените преминуваат граници за промени“ и го реализиравме во соработка со „Унегруаја“, тоа е женска невладина организација од Поградец, соседниот град. Траеше 12 месеци и главната цел на проектот беше да се овозможи побрза социјална интеграција на жените од прекуграничниот регион. Проектот се состоеше од главната активност која е организирање на повеќе обуки. Обуките беа на различни теми, со една единствена цел, да се помогне да се зајакнат капацитетите на жените од двата града.“-вели Катерина Василеска од Локалната агенција за развој од Струга.
Со оглед на конзервативната природа на регионот, од Локалната агенција за развој велат дека биле особено внимателни во изборот на темите .
„Гледавме да предаваме на теми кои што не се опфаќаат во формалното образование. Ние имаме случај да ни доаѓаат девојки и жени, млади луѓе кои што завршиле факултет и не познаваат некои основни работи. Во смисла на барање на работа кога ќе излезат надвор, и ние се трудевме да ги опфатиме овие теми кои што нив ќе им се надополнат на формалното образование. Значи како се настапува на интервју за работа, што е финансиска писменост, како се управува со парите, како условно да се „продадете“ на пазарот на труд со вашите вештини, како да направите анализа на вашите вештини. Тоа се многу важни работи кои што никаде не се учат.“-рече Василеска.
Поради неодамнешното завршување на проектот, од локалната агенција за развој велат сеуште немаат направено целосни анализи за ефектите на овие обуки. Во таа насока тие ќе организираат дополнителни интервјуа со сите 60 учеснички во проектот, за да добијат точни податоци за бенефитот од спроведувањето на овој проект. Слични вакви проекти ќе спроведуваат и во иднина, односно го чекаат следниот повик на ИПА, со чии средства ќе спроведуваат обуки за самовработување за сите невработени кои сакаат да ги зајакнат своите капацитети.
{loadposition content9}