Skip to main content

Американски “Интел” ќе инвестира во Македонија

Американскиот гигант во информатичката технологија “Интел” ќе инвестира во образованието во Македонија, за што синоќа во Сан Франциско Владата на Република Македонија и компанијата потпишаа Меморандум за разбирање.

Intel
Интел
Американскиот гигант во информатичката технологија “Интел” ќе инвестира во образованието во Македонија, за што синоќа во Сан Франциско Владата на Република Македонија и компанијата потпишаа Меморандум за разбирање.

„Со овој Меморандум треба да имаме поддршка од “Интел” со одредени инвестиции во образованието“, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на документот со претседателот на Управниот одбор на компанијата на кого македонската владина делегација која престојува во САД му ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.

Раководството на “Интел”, јави известувачот на МИА, било запознаено со инвестициските можности од секаков аспект, пред се даночен, но и за тоа дека македонската Влада инвестира многу во ИТ образованието, при што биле посочени детали во врска со зголемувањето на квотите на студенти по информатичка технологија, како и за отворањето нов информатички универзитет кој од октомври 2009 година ќе почне да работи само на англиски јазик.

„Сите овие инвестиции во образованието упатуваат на тоа дека големите мултинационални компании, особено оние од ИТ бизнисот, можат во иднина да сметаат на Македонија како одлична дестинација за правење бизнис“, истакна премиерот Груевски, додавајќи дека за компаниите е важно не само да им се овозможат ниски даноци или брза регистрација, туку да им се понуди и добар кадар, и по квалитет и по квантитет.

Овде во Сан Франциско, додаде македонскиот премиер, ги презентираме сите овие можности за во иднина проектите постепено да ги реализираме.
Тој изрази благодарност до американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер кој, како што рече, со неговото доаѓање со владината делегација на оваа работна посета на САД дава поддршка во овие наши напори да привлечеме компании да дојдат во нашата држава, да отворат нови работни места и да се продлабочат економските релации помеѓу Америка и Македонија.

IntelМакедонската владина делегација, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања Зоран Ставрески, министрите за економија, за странски инвестиции и за информатичко општество, Фатмир Бесими, Веле Самак и Иво Ивановски, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо, во Сан Франциско имаше средби и со раководствата на американските гиганти Хјулит Пакар, Оракл и Сан Мајкросистемс.
Според програмата, вечерва во Силиконската Долина, центарот на американската и на светската ИТ-технологија, ќе се одржи Бизнис форумот “Македонија – земја на ИТ експерти”, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис клима и привлекување реномирани американски инвеститори.  

Меѓу главните презентери на форумот ќе бидат и амбасадорот Рикер, главниот економист во Светската банка Симеон Џанков, претседателот на канадското сателитско радио и коосновач на “Даве Њирелесс”, како и член на Бордот на “Македонија 2025” Џон Битов, професорот од Универзитетот “Џорџ Вашингтон” Питер Бок, како и главниот извршен директор на “иБанк” Том Маркел.
Приказната за Македонија како успешна бизнис дестинација македонскиот владин тим ќе ја презентира пред повеќе од сто претставници на моќни американски компании и на Бизнис форум во Чикаго, насловен “Македонија – новото чудо на Европа”. На форумот ќе се обрати и претседателот и главен и извршен директор на Нортел и член на бордот на директори на “Македонија 2025” Мајк Зафировски.

На форумите, покрај претставници на реномирани американски компании, ќе учествуваат и претставници на меѓународни финансиски институции, на невладини организации, политички и лоби кругови на САД, како и македонски компании, членки на Сојузот на стопански комори и на МАСИТ.
За време на престојот на македонската делегација во Чикаго ќе биде отворена и манифестацијата “Денови на македонската култура во САД”, во чии рамки ќе се одржи и концертот на познатиот македонски пијанист Симон Трпчевски.

Посетата на Соединетите Американски Држави е во рамките на владиното “роуд шоу” кое се одржа во повеќе европски држави, меќу кои и Италија, Германија, Турцијa при што беа остварени значајни контакти со познати компании.

 

{loadposition content9}