Охридска Јоклама-првата телевизиска утринска емисија во градов
Охриѓани добиваат локална утринска емисија.
Охридска јоклама-верувам дека сте го слушнале и употребиле овој термин и претходно, но почнувајќи од овој понеделник, тој ќе добие и едно друго значење. Токму ова е името на новиот производ на Телевизија ТВМ, кој за нецели два дена ќе започне да се емитува на нашата телевизија. Охридска јоклама официјално е првата телевизиска утринска емисија во градов, а за оние кои не знаат што значи тоа јоклама, мало појаснување од водителот на оваа емисија, Крсте Голабовски.
„Збор кој често го користат охриѓани. Инаку станува збор за турцизам, за турски збор што значи истражување, испитување, анкета, дури во некои преводи може да се најде и како некој преглед при правење на смотра во војска. Мислам многу интересен збор е, а ние го користиме, охриѓани го користиме за нешто слично, во смисла да одиме да видиме, да направиме една јоклама, да видиме што има, кај има, како има.“-вели Крсте Голабовски, водител на емисијата „Охридска јоклама“.
Голабовски вели дека Охридска јоклама уште при креирањето на концептот била замислена како емисија во која централна улога ќе имаат гледачите. Но еве што е она, по кое оваа емисија би требало да се разликува од останатите кои имаат сличен концепт.
„Се согласувам дека наликува на голем број од утринските програми кои можеме да ги сретнеме на националните телевизии, меѓутоа од друга страна е и различна. Тангираме или ќе се обидеме да тангираме и да се занимаваме со теми кои се однесуваат на проблеми за Охрид, за охридско-струшкиот регион, теми кои што се карактеристични за нашето поднебје, теми со кои што охриѓани се сретнуваат. Така да јас мислам дека колку и да сме слични, сепак сме различни со оглед на тоа што ќе се обидеме да дискутираме за нешто што е тука, во регионот, за градот да речам.“-рече Голабовски.
Инаку оваа прва утринска емисија во охридскиот медиумски простор ќе се емитува во живо, во терминот од девет до десет часот наутро, а гледачите ќе имаат можност да се јавуваат и да бидат вклучени во програма и јавно да продискутираат за урбани теми од секојдневието, од комуналната, од социјалната сфера, од сферата на образованието, економијата и се она што лично ги засега граѓаните. Па повелете, гледајте не!
{loadposition content9}