Почесната конзулка од Флорида воодушевена од Струга
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко заедно со тимот соработници од секторот за Локален економски развој ги презентираа планираните проекти кои овие две општини во иднина би ги реализирале.
Почесниот конзул на македонската амбасада на Македонија во Флорида, Дејна Клејн ја посети Струга. На заедничка маса со претставниците од струшката општина разговараа за продлабочување на соработката на Струга и Корал Гејблс од Флорида. Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко вели дека овие два града имаат убава заедничка иднина преку соработки во економијата, културата и други области.
„Денеска ние сме тука со тимот на секторот за Локален економски развој на општина Струга. Ќе им ги предложиме сите можни проекти кои ние ги нудиме на инвеститорите, како домашни, така и странски. Сигурно дека интересот ќе биде поголем во ДИРС-от или слободната економска зона каде што веќе имаме најава од американски компании за вложувања. Една од нив е и компанијата за производство на кабли која треба да вработи некаде околу 1700 работници.“-вели Рамиз Мерко-Градоначалник на Струга.
Една од можностите за инвестирање која претставниците од ЛЕР ја презентираа пред конзулката од Флорида, беше и проектот за управување со цврст отпад кој според нив е приоритет за Струга. Ова не е прва средба помеѓу претставници на двете општини.
Минатата година, во Корал Гејблс била делегација од општина Струга, при што на луѓето од оваа општина од Флорида, Струга им била успешно претставена како град на водите кој нуди одлични можности.
„Мојата денешна посета е во иста насока. Сакам одблиску да го видам вашиот град, да ги разгледам можностите за соработка и да го запознаам вашиот градоначалник за да можеме да ги размениме мислењата и искуствата и да разговараме за идните планови како и искрената желба за соработка помеѓу нашите општини.“-рече почесниот конзул на Македонската амбасада во Флорида, Дејна Клејн.
Почесната конзулка од градоначалникот Мерко доби и позлатен клуч од градот и благодарница. А имаат и за што да бидат благодарни, бидејќи при последната посета на општината Корал Гејблс била договорена и донација на едно противпожарно и едно возило за собирање на комунален отпад кои оваа американска општина ќе и ги подари на Струга.
{loadposition content9}